Шојгу го предупреди НАТО дека испораките на оружје за Украина можат да предизвикаат „непредвидливо ниво на ескалација”

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, денеска изјави дека испораките на западно оружје во Украина активно го вовлекуваат НАТО во конфликтот и предупреди дека тоа може да доведе до „непредвидливо ниво на ескалација“, пренесуваат британските медиуми.

„САД и нивните сојузници се обидуваат да го продолжат конфликтот колку што е можно повеќе“, рече Шојгу.

„За да го постигнат тоа, тие почнаа да ја снабдуваат Украина со тешко офанзивно оружје и отворено ја повикуваат земјата да ги освои нашите територии. Всушност, таквите чекори ги вклучуваат земјите на НАТО во конфликтот и тоа може да доведе до непредвидливо ниво на ескалација“, додаде рускиот министер за одбрана.

Инвазијата на руските сили во источна Украина, што официјална Москва ја нарекува „специјална воена операција“, Шојгу денеска ја оцени за „успешна“, во време кога Киев очекува голема руска офанзива и бара од западните земји да ја зголемат и забрзаат воената помош за земјата.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

„Во моментов борбите успешно се одвиваат во областите Бахмут и Вугледар“, рече Шојгу.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари минатата година.

МИА

- Реклама -