Школо сака да награди ученик за 100% редовност на часови. Мајка му не дава

11-годишниот Џеј-Џеј во цело основно школување нема ниту еден изостанок. Со оглед на високата просечна стапка на абсентизам (она кога јадеж жив компир за да качиш температура и да не одиш во школо, т.е. отсуство без оправдана причина), логично е што училиштето го смета таквото достигнување за нешто што треба да биде поздравено и наградено. Па му понудија еден бесплатен ден во софт-плеј игротека (завршуваат „primary school“  на 12 години).

Но мајка му – Рејчел Врајт, не се согласува. Вели дека 100-процентното присуство на часовите на нејзиниот син е резултат единствено на добра среќа – што ете, не се разболел. А за среќа, вели, во нивното семејство не доделуваат награди.

Поентата, сепак, ѝ е друга. Дека со наградување на ученици што не отсуствувале, директно се стигматизира болеста и се демонизираат учениците кои морале да отсуствуваат од оправдани причини. Можеби токму поради болест. Или поради тоа што изгубиле близок. Или поради (пополнете по желба)…

Тоа не се прави во реалниот свет, никако во работниот свет на возрасните, потсетува Рејчел. Замислете, вели, кога секоја година во канцеларијата би се прогласувал работникот без отсуство како најдобар работник. Или кога би се прогласувал најредовен оддел. Како би се чувствувале останатите? Тие, на пример, што се хронично болни, или можеби морале да одат на преглед? Или морале да се грижат за детето? Или (пополнете по желба)? Каква би била таа работна атмосфера?

„Кажете им дека присуството треба да се наградува на тие што им е одземено унапредување или добиваат предупредувања, па и отпуштања врз основа на деновите во кои отстустувале бидејќи биле на боледување, да ве видам. А тоа често се случува“.

Од друга страна, посетеноста на часовите на 11-годишниот Џеј-Џеј воопшто нема да биде 100-процентна.

„Во нашето семејство наоѓаме многу причини за да си ги пофалиме и наградиме децата, ама да имаш среќа да не се разболиш не е една од нив. Барем не за јавна пофалба.

Да, ние го цениме училиштето и вредното работење, но исто така ја знаеме и важноста на создавањето спомени и важноста на одморот. Од тие причини, но и затоа што редовноста на нашиот син нема да ја оставиме незабележана, Џеј-Џеј ќе ја заврши годината една недела порано од неговите соученици и ќе оди со нас во Италија, наместо да оди на завршните часови и да игра видео игри до крајот на школската година“, вели мајката.

Можеби ова на Рејчел делува како победа во неважна битка, но едно нешто никој не може да порекне: дека женава заслужува награда за „носење на туѓи чевли“, или што би рекле по нашки – „да влезеш во туѓа кожа“.

 

- Реклама -