Шилегов ги разреши дилемите: Ракометарите на Вардар слетуваат во 18.50 со чартер финансиран од Град Скопје

Набрзо откако беше објавена информацијата дека ракометарите на Вардар пристигнуваат во 16.15 часот, во медиумите се појави информација дека чартер-летот на Вардарци е откажан.

Сепак, дилемите пред неколку минути ги разреши скопскиот градоначалник Петре Шилегов. По негово барање, советот на Град Скопје ќе гласа ракометарите на шампионот да бидат донесени дома со посебен чартер лет кој ќе го финансира Град Скопје. Ракометарите од Келн ќе полетаат во 16.30 часот. Во Скопје ќе слетаат во 18.50 часот.

„Да ги пречекаме достоинствено нашите европски шампиони. Без делби и поделби. Спортот обединува. Се гледаме вечерва на градскиот плоштад Македонија“, напиша Шилегов на Фејсбук.

Шилегов соопшти и дека за дочекот ќе бидат одвоени 2 милиони денари (околу 32.500 евра). Понатаму, Град Скопје и парично ќе ги награди ракометарите – со 6 милиони денари (околу 97.400 евра).

Уште неколку нешта се сигурни. Пречекот ќе почне уште на аеродром. Со ракометарите доаѓаат и двајцата српски коментатори од „Арена“, кои ги освоија срцата на македонската публика бидејќи подеднакво емотивно ја доживеаја титулата на Вардар. Понатаму, во Скопје ќе биде лудило. Столе и компанија не можат ни да замислат што ги чека.

- Реклама -