Министерката за одбрана – Радмила Шекеринска, при нејзината посета на САД, денеска оствари средба со поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.
„Медлин Олбрајт не е само жива легенда на американската политика, туку и гласен адвокат за демократија и човекови права“, напиша Шекеринска на Фејсбук, каде сподели фотографии од средбата.
„Некогашната државна секретарка на САД, прва жена на таква функција во историјата на САД, која одблиску беше инволвирана во случувањата на Балканот во 90’-тите, ме прими во нејзиниот дом во Џорџтаун кој е сведок на нејзиното богато политичко минато. Ме замоли да пренесам благодарност во Скопје за прифаќањето на евакуираните граѓани од Авганистан кои работеа за невладини организации од САД. Нејзиниот дом го напуштив со силни импресии и со чувство на почестеност што разговарав со важна фигура од врвот на светската дипломатија, чии збор сеуште одекнува и тежи“, пишува, исто така, Шекеринска.
Таа од вчера престојува во неколкудневна посета на САД, каде на агендата се низа средби. Тоа е прва посета на претставник на нашата Влада на САД по изборот на Џо Бајден за претседател, односно по смената на администрацијата, а трета работна посета на Шекеринска на Вашингтон и на Пентагон, што според македонското Министерство за одбрана е силна потврда дека односите и билатералната одбранбена соработка со САД во овој период се на својот историски максимум, како и дека дека реформите и напредокот во одбраната се одразиле позитивно на сојузничкиот капацитет на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.
Шекеринска, пак, истакна дека соработката со САД влегува во нова фаза – за разлика од претходно, кога клучна цел беше нашето членство во НАТО, сега двете земји како сојузници во Алијансата разговараат за теми кои се важни за земјите, но и за регионот и за светот. Како што најави министерката, во САД ќе побара од претставниците во Пентагон и во Стејт Департментот американска администрација предводена од претседателот Бајден да го задржи фокусот и интересот кон Балканот, како и силна поддршка од САД за интензивирање на нашиот европски пат.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на денешните први средби во Стејт Департментот и во Пентагон било заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и дека новата американска администрација сака што поскоро да ја види Република Северна Македонија во преговарачкиот процес со Унијата.