„Информациите коишто ги добивме од терен од колегите од здравствените работници за непочитување на мерките беа индикатор, аларм, да направиме контроли во текот на вчерашниот ден во однос на степенот на почитување на мерките и генерално спроведувањето на сите процеси во врска со епидемиолошките препораки. Се направи надзор во Тетово, во локалниот Центар за јавно здравје, како и во Штип, каде се анализраа сите случаи“, информираше министерот Венко Филипче денеска на прес-конференцијата.
Како што соопшти, од увидот во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата и дека има генерално непочитување на сите изречени мерки – не се носат маски и не се одржува физичка дистанца. Таков е случајот во Тетово, но и во околните места каде има новодијагностицирани.
Од увидот во Штип, пак, утврдено е непочитување на правилото за транспорт, посебно на вработените во конфекциите, каде има новодијагностицирани. Како што соопшти Филипче, една од конфекциите, односно еден погон е затворен по налог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓутоа утврдено е дека во транспортот во автобусите се возат вработени од сите конфекции, кои се собираат од сите околни места на Штип и притоа не се почитува правилото за процент на пополнетост на автобусот, ниту пак носењето на маски. Во една од конфекциите има 17 заболени и уште 70 контакти коишто се во изолација, истакна Филипче.
Уште еден проблем со кој се соочуваат епидемиолозите, информираше министерот, е одбивање на пациентите да соработуваат, односно потешкотии во спроведувањето на епидемиолошки анкети – пациентите одбиваат да дадат точни податоци, а даваат и лажни адреси, поради што тешко може да се достават решенијата за самоизолацијата. Филипче посочи и дека дел од новозаразените се заразиле токму додека беа во сила најстрогите мерки, односно полицискиот час:
„Од последната анализа имаме концентрација поголема во четири скопски општини: Сарај, Чаир, Гази Баба, Бутел и Аеродром и, како што кажав, огромен процент од новозаболените се како резултат на непочитување на мерките за самоизолацијата и лична заштита. Овие новодијагностицирани пациенти се практично заразени и во период кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и беа во важење истите овие мерки кои важат и сега во однос на превенцијата.
Загрижува уште повеќе што има информации за граѓани кои и со решение за самоизолација се шетаат надвор и затоа барам апсолутно поголема ажурност на МВР, поголема контрола и санкции на тие кои овие мерки не ги почитуваат“.
Филипче порача дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести активно ја следат состобата и дека ако бројот на новодијагностицирани во следните денови преку викендот укаже дека е потребно, ќе бидат воведени таргетирани, односно локализирани мерки:
„Ние продолжуваме активно да ја следиме состојбата. Сакам јасно да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани, локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани, или поинакви мерки, ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Утрово на Комисијата за заразни болести тоа го дискутиравме. Ќе ги анализираме податоците и бројките и од следните денови во текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките.
Во моментов заради стабилната состојба на здравствените капацитети, локализираните и познати кластери сѐ уште нема потреба за тоа, но потворувам, будно следиме и ќе носиме одлуки доколку треба ќе воведеме повторно такви мерки“, категоричен беше Филипче.
Тој додаде дека полицискиот час беше укинат со јасна порака за почитување на сите други мерки и дека тоа – свеста и почитувањето на препораките од страна на граѓаните – е единствениот начин за излез од кризата, нешто другите земји го прават.
„Жал ми е што има луѓе што ова не го разбираат, зашто ниту ние во Министерството, ниту епидемиолозоите, ниту било која државна институција, не може сама да се справи со овој проблем. Огромна одговорност има на граѓаните“, апелираше уште еднаш министерот за здравство.