Усеин Болт и Серена Вилијамс се добитници на наградите за најдобри светски спортисти во изборот на читателите на францускиот спортски весник Л’Екипа. Атлетичарот од Јамајка повторно имаше импресивен олимписки настап, успевајќи да ги одбрани трите златни медали од ОИ во Пекинг пред четири години. Ова е трета ваква награда за Болт од страна на Л’Екип, откако најбрзиот човек на денешницата се закити со големото признание и во 2008 и во 2009 година.
„Ова беше одлична година за мене, работев напорно и триумфирав на најзначајните трки. Ми претставува големо задоволство што ги одбранив титулите, сега со нетрпение ги очекувам следните Игри во Рио за да урнам неколку рекорди“ – изјави Болт.
Серена Вилијамс ја заврши годинава како треторангирана светска тенисерка, но апсолутно ја заслужи наградата благодарение на своите фантастични настапи во вториот дел од сезоната, кога успеа да триумфира на Вимблдон, да освои злато во сингл и во дубл на ОИ во Лондон, за потоа да ја круниса годината со титули на УС Опен и на завршниот турнир во Истанбул.