Танчерите од студиото „Еурека“ од Македонија го привлекоа вниманието на познатата пејачка Сенида. Сенида е регионална музичка ѕвезда, пејачка и текстописец, родена во Словенија, позната по нејзиниот длабок глас и уникатен изглед.
Сенида, воедно, беше избрана за амбасадор на Европското првенство за ракомет за жени и токму таа ја изведува официјалната песна „Play with heart“ („Играј со срце“) на првенството, која одеше и на отворањето. Заедно со артисти од Словенија и Црна Гора, во перформансот беа вклучени и танчерите од „Еурека“.
Кики Мукаетова, која беше дел од танчерската група, на својот профил на Инстаграм сподели фотографии од настанот, а тоа го привлече вниманието и на Сенида. Таа лично ѝ напиша и побара да го сподели и видеото од настапот.
Песната „Играј со срце“ се изведува на повеќе јазици. Напишана е од Гашпер Павли, продуцент е Тимотеј Лампе Игњиќ, музиката е на Казафура и Сенида, додека текстот е напишан од Бенџамин Крнетиќ, Сенида и Казафура.