Семинар на досадното

Boring-conference[1]

Сите семинари се досадни, ама барем не намерно. Но, постои баш таков настан, конкретно посветен на сите нешта што ги сметаме за неинтересни и здодевни. Се работи за „Boring Conference“, кој секоја година се одржува во Лондон. Верувале или не, картите секогаш се распродадени, и покрај фактот што поканетите гости зборуваат на теми како книжни кеси, контрола на квалитет на тоалетна хартија, столни ламби и цигли.

Како всушност настанал така досаден семинар? До 2010-та, постоеше семинар за интересни нешта – Interesting Conference, но тогаш организаторите изјавија дека ќе прекинат со одржување на истиот, заради приватни причини. Во меѓувреме, Џејмс Вард водеше блог на кој ја споделуваше и славеше својата љубов кон досадните нешта, па како одговор на веста, на шега твитна: „Можеби сега е право време да започнам Семинар на досадното?“. Доби фидбек што не го очекуваше, а луѓето веќе бараа да купат карти.

Овогодинешниот Семинар на досадното се одржа на 7 мај и беше шестиот последователен настан во последните шест години. Сите 425 билети беа распродадени за само неколку дена.

Човекот што го отвара настанот секогаш е Џејмс лично, затоа што „сака да го постави рамништето на ниско ниво“. Ако луѓето почнат со мали очекувања, шоуто може само да се подобрува, вели тој. Лани, на пример, зборуваше за разгледници од старата Поштенска кула.

Boring-conference2[1]

Меѓу темите кои досега беа опфатени на настанот беа и кивање (т.е. човек што запишува секогаш кога ќе кивне и оценува колку тоа било силно), тостови, звуците на апаратите со паричка (wending machines), баркодови и други слични неинтересни нешта. Оваа година настапија 20 говорници, а зборуваа за домашните инкџет принтери од 1999-та, германските наслови на филмовите, за готвењето на комплексни ручеци со основна хотелска опрема и за сличностите помеѓу светските химни.

Целта на постоењето на еден ваков семинар, според Џејмс, е еднодневно славје на секојдневното, обичното, очигледното и занемареното. Темите најчесто се сметани за тривијални и без поента, ама кога ќе се истражат подетално, се покажуваат како „длабоко фасцинантни“. Всушност, само темите се досадни, а од говорниците се очекува да најдат начин нивните говори да ги направат интересни; како гостинот што зборуваше за различните густини на металите, а за сето време возеше ролери околу публиката.

„Основната идеја е дека темите треба да се досадни, но не и содржината“, објаснува Вард (кој патем работи во маркетинг). „Мора да постои нешто во темата што говорник со искрен ентузијазам може да го изнесе и направи интересно. Всушност повеќето нешта, ако доволно детално ги разгледаш, стануваат фасцинантни. Речиси секогаш има нешто“.

Ништо чудно што билетите се распродаваат.

- Реклама -