Спорот меѓу Скопје и Софија во основа го содржи прашањето за неколку историски ликови, но проблемот е поголем од тоа, посочува лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села.
Во интервју за „ТВ21“, тој оцени дека Бугарија сѐ уште има територијални претензии кон Македонија. Според него, овие политички случувања во регионот, под печатот на евроинтегративните преговори, ја враќаат темата на почетокот на 20 век.
„Во темата што ја отвори Бугарија во последно време со неприфаќање на македонскиот идентитет и јазик, од моја гледна точка, тоа што не се кажува во овој случај е дека Бугарија и натаму има територијални претензии кон Македонија“, рече Села.
Лидерот на АА истакна и дека албанскиот политички фактор воопшто не учествува на теми од ваква важност.