Села и Гаши незадоволни од тоа албанскиот јазик да е изборен предмет: „Ако албанскиот е изборен за Македонците, зошто македонскиот да е задолжителен за учениците Албанци?“

„Алијанса за Албанците како партија, од неjзиното основање, како главен столб во нејзиното дејствување го имаше и продолжува да го има официјализирањето на Албанскиот јазик како потреба за времето, земајќи го во предвид територијалниот обем, автохтоноста, партиципацијата во државата и целта за градење на ‘Држава за Сите’, со високи Европски демократски вредности“, се вели во реакцијата на партијата на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши, по повод новиот концепт на МОН за основното образование, според кој албанскиот јазик ќе биде понуден како еден од изборните предмети за учениците на кој не им е мајчин јазик.

Како што истакнува опозицијата во албанскиот политички блок, нивната визија е комуникацијата меѓу граѓаните на двете најголеми заедници да биде во таква форма што секој од нив ќе зборува на својот јазик, но и ќе се разбираат без никаков проблем.

„Ова визија може да се постигне тогаш кога и Албанскиот Јазик ќе се официјализира на начин кој го заслужува“, порачуваат од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, обвинувајќи дека со актуелниот концепт власта и нејзиниот партнер ДУИ се обидуваат да го попречат тоа, нудејќи хибридно решение кое се базира на претпоставката дека учениците од заедницата која е мнозинство во државата ќе го изберат албанскиот како изборен предмет.

Коалицијата потсетува дека ДУИ, во предизборната кампања за парламентарните избори, ветуваше дека албанскиот ќе се учи како задолжителен, а не како изборен предмет. Со оглед дека, според понудениот концепт, ќе има повеќе од 20 изборни предмети, шансите учениците Македонци да го изберат албанскиот јазик се минимални, ако не и непостоечки, сметаат тие, обвинувајќи дека со оглед на политичките констелации, произлегува дека се работи за само едно хибридно решение и политички пазар на СДСМ и ДУИ.

Прочитајте и:  Алијанса за Албанците: Итно се потребни предвремени парламентарни избори

„Ако се мисли дека со ова решение се прави официјализирање на албанскиот јазик, се поставува прашањето зошто за албанскиот ученик, македонскиот јазик треба да биде задолжителен? Зошто да не биде и македонскиот јазик изборен предмет за албанските ученици?“, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Според нив, ова решение ја отсликува и неправедната реалност при вработувањата во образованието:

„Вработениот во образование треба да познава и да се тестира за познавање на јазикот. Кога вработените албанци во образование треба да се тестира на два јазика, додека македонецот само во еден јазик. За да биде парадоксот уште поголем, професорите кои ќе предаваат македонскиот јазик како предмет кај учениците албанци, не се задолжителни да го познаваат јазикот на ученикот, албански јазик, иако таа е втор официјален јазик во државата“, велат од албанската опозиција.

- Реклама -