Села и Гаши со интерпелација за Спасовски: „Добро е владата да ги поддржува театрите и глумците, но не и кога владата глуми и прави лоши претстави“

„Добро го квалификувавте вие – театар. Како сега јас да навлегувам во театри и да давам моја проценка за некакви си смешни сценарија кои се прават деновиве? Два дена целата јавност се крена на нозе, исчезна Сашо Мијалков, Сашо Мијалков се појави вчера и ни рече дека имал температура, со сомневање дека имал грип а пред неколку недели прележал ковид… Една ноќ претходно неговите деца и цела фамилија не знаат каде е татко им, а бил болен и изолиран… А најскандалозно знаете што е? Одлуката. Пак Сашо Мијалков е во домашен притвор. Тоа е најскандалозното и покажува и потврдува сценарио помеѓу Зоран Заев и Сашо Мијалков“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, на денешната заедничка прес-конференција со коалицискиот партнер Африм Гаши од Алтернатива, прашан да ги коментира настаните од деновиве поврзани со „исчезнувањето“ на поранешниот шеф на УБК обвинет во „Таргет-Тврдина“.

Села рече дека за ваквите, според него, сценарија, предупредувал во повеќе наврати, кога новинарите го прашувале „како е можно сега да најавите некоја си коалиција со ВМРО-ДПМНЕ имајќи ги во предвид настаните од 27 април“:

„Сум рекол дека сите тие актери кои правеа такви сценарија на 27 април – сега се заедно со Владата. Еве ви доказ (*мислејќи на случајот со Мијалков). Друг доказ ви беше и кога отиде Заев да сведочи за 27 април и од сведок за настаните во оваа просторија (собраниската прес сала) почна да го брани Трајко Велјаноски, како што го бранеа и за имунитетот да не му го одземат и така натаму. Друг доказ ви е тоа што и за ‘Монструм’, во завршните зборови, Фатиме Фетаи наместо да зборува за тие што се обвинети, зеде збор и си кажа дека Трајко Велјаноски не е виновен. Па не беше тој процес против Трајко Велјаноски… Значи, сценарио и театар, во кои граѓаните не веруваат повеќе“, рече Села.

И тој и Гаши потврдија дека поднеле интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и дека ќе поддржат секаква иницијатива за рушење на власта и ново парламентарно мнозинство:

„Ги гледам изјавите на некои пратеници кои се дел од власта – зошто не поднесуваме ние интерпелација, дека не било вистина дека Заев ја губи довербата… Зборуваме за довербата кај граѓаните, не зборуваме за поединци пратеници кои не можат да ја сфатат нивната работа и одговорност што ја имаат. Тие се претставници на граѓаните, а не на одредени политички партии и не треба да заборават дека граѓаните мислат дека веќе е допрено дното и оваа влада мора да си замине. И да, не е решение одговорност само за еден министер. Сите овие политичари – кои од политичари и од политиката, која треба да биде благородна – направија граѓаните да мислат дека политиката е за лажговци. Бидејќи лажат, исто како што Али Ахмети ни ветуваше премиер Албанец, исто како што овој другиот ни велеше дека се криминалци (а знаеја, сигурно, бидејќи заедно се во криминалот денеска). Оваа влада на лажговци треба да си замине што побрзо. И да, ние поднесовме вчера иницијатива за интерпелација за министерот за внатрешни работи, ама ние ќе поддржиме и иницијатива за (не)доверба на владата“, рече Села.

„Навистина, владата е многу побрза од нас во правење скандали отколку што ние успеваме да реагираме кон овие скандали. Навистина е добро владата секогаш да ги охрабрува и да ги поддржува театрите и глумците, ама лошо е, скандалозоно е кога владата глуми и прави лоши претстави“, истакна лидерот на Алтернатива.

„Што се однесува до интерпелацијата, ние имаме поднесено интерпелација за министерот за внатрешни работи и секоја друга иницијатива за рушење на оваа влада и креирање на ново мнозинство – ние ќе бидеме тука да ја поддржиме и да ги дадеме нашите гласови. А повикот во овој момент го упатуваме до сите пратеници кои сакаат да го слушнат гласот на својот народ, на своите избраници; сега да пристапат и да ни се придружат да ја прекинеме оваа маскарада, ова лошо глумење, овој лош театар и секојдневните скандали, и со Сашо Мијалков, и со ‘Монструм’, и со сите процеси кои ни се случуваат во низа веќе секој ден. А во меѓувреме, не заборавајте, уште немаме вакцини, економијата ни тоне, здравството ни е скандалозно, имаме блокада на европските процеси и интеграции…

Не знам што треба да се случи во оваа држава за да се освестиме сите. Навистина. Еве ја користам приликата до сите граѓани да упатам апел да го слушнат овој глас, искрено од нашата душа и срце, да допре до нивните срца и до нивната совест, да ни се придружат во оваа наша иницијатива да го прекинеме ова зло што ни се случува на сите нас“, рече Гаши.

Прашан дали верува дека е можно да дојде до ново парламентарно мнозинство и дали коалицијата Алијанса/Алтернатива преговара и со други покрај со ВМРО-ДПМНЕ, тој потенцираше дека нивниот повик е јавен:

„Ние не преговараме со никого, ние јавно ви кажуваме: Ако има иницијатива – ќе ја поддржиме, ако нема – ние ќе ја покренеме. Но, не е ова прашање на преговори зад кулисите. Ова ни е јавен настап, ние бараме од сите граѓани и од сите пратеници, и од тие на СДСМ и од сите други кои се дел од помалите политички партии, да ни се придружат. Не да ни се придружат нас, туку да се приближиме сите, за да срушиме нешто што е лошо, што ни ја попречува благосостојбата на сите граѓани. Овој повик е до совеста на сите граѓани, не само пратеници. Тоа е нашиот начин на практикување политика“, порача Гаши.

- Реклама -