Секако дека црквата му има помогнато на народот во време на пандемија, вели владиката Петар во изјава за „Фокус“ додека чека негативен тест во болницата „Систина“, каде е хоспитализиран веќе 20-тина дена поради превенција од компликации од коронавирусот.
Според Петар, помошта е во тоа што Црквата постојано апелирала да се почитуваат мерките.
„Секако дека сме помагале. Редовно на верниците им кажувавме дека мора да се почитуваат мерките. Имавме случаи кога верници дури и ни викаа зошто постојано тоа им го кажуваме, ги потсетуваме на мерките. Сепак, тоа е наша човечка должност“, вели владиката во изјава за „Фокус“, прашан што прави Црквата во време кога многумина собираат донации за лекување, губат работни места или пак живеат со намалени приходи.
Владиката делумно одговори и на критиките што ги предизвика информацијата дека тој и митрополитот Агатангел се хоспитализирани превентивно во приватна болница, наместо во јавното здравство, кое во најголем дел од случаите е единствен избор за обичните граѓаните. Како што вели тој, ни тој ни Агатангел не биле со благи симптоми и имало причина што биле хоспитализирани. Зошто во приватна болница и дали немаат доверба во јавното здравство, ќе одговорел кога ќе излезел од болница.
Меѓу споменатите критики, особено на социјалните мрежи, се најде и онаа на професорката Мирјана Најчевска.
„Прво, држи кревет на некој на кој навистина му треба. Второ, покажува апсолутна недоверба кон шефот (алудира на Господ, секако, н.з.). Трето, од каде бре толку пари кај некој кој се откажал од материјалното во име на духовното?“, напиша таа.
Меѓу критичарите, нај/големо внимание привлече постот на д-р Нико Беќаровски. Да се лежи од 23 март во приватна болница од „превентивни причини“ е одраз на „христијанска скромност“ на нашите владици, ироничен е тој.
Сепак, неговата главна порака се однесува на односот на свештени лица кон здравствените работници.
„Човекот кој јавно ме прекори дека вистински верник, не може да заболи од Корона, сепак и самиот се разболе. Јас ќе му посакам што побрзо КОМПЛЕТНО оздравување и конечно да започне да шири верба, а не недоверба кон апелите од здравствените работници“, му порача Беќаровски на владиката, споделувајќи линк од негова изјава за „А1он“, каде Петар ги нарекува „глупости на луѓето што не знаат ништо за верата“ предупредувањата околу причеста со една лажичка.