Сега ќе бевме во нова ледена доба ако не беше глобалното затоплување, покажува ново истражување

„Процесот штотуку почнуваше, сè се одвиваше нормално, следното заледување беше на повидок, а сепак запре“, вели Николас Јанг, геохемичар од Универзитетот Колумбија и главен автор на истражувањето.

1
Илустрација: Сега ќе бевме во нова ледена доба ако не беше глобалното затоплување, покажува ново истражување
Илустрација

Земјата и денес, од геолошка гледна точка, се наоѓа во ледена доба, но во нејзината потопла, меѓуледена фаза, која почнала пред околу 11.700 години. Во текот на геолошката историја ваквите потопли периоди се менувале со студени фази, кога огромни ледници се ширеле низ големи делови од Северна Америка, Европа и Азија.

Научниците ја истражувале Лаврентиската ледена плоча, најголемата ледена маса во Северна Америка за време на плеистоценот. Пред десетици илјади години тој покривал големи делови од денешните САД и Канада, а на одредени места мразот достигнувал дебелина од три километри.

На својот врв, оваа огромна ледена маса содржела толку многу вода што, доколку целиот мраз се стопел, нивото на светските мориња би се зголемило за околу 80 метри.

Со постепеното затоплување Лаврентиската ледена плоча речиси целосно исчезнал, а еден од неговите последни остатоци е ледената покривка Барнс, која и денес постои на канадскиот Арктик.

Токму нејзината историја им овозможила на научниците да утврдат како се менувала климата во последните илјадници години.

Истражувачите користеле два методи за одредување на староста на материјалите што биле покриени со мраз. Првиот се заснова на мерење на берилиум-10 во карпите, изотоп што се создава под влијание на космичкото зрачење. Кога карпите се покриени со мраз, создавањето на овој изотоп престанува, а продолжува кога мразот ќе се повлече.

Вториот метод вклучувал мерење на јаглерод-14 во остатоци од растенија што биле заробени под мразот. Со комбинирање на двата методи, научниците успеале да ја реконструираат историјата на ширењето и повлекувањето на ледената покривка.

Резултатите покажуваат дека најтоплиот период од сегашната меѓуледена епоха, холоценот, во северните географски широчини веројатно бил пред околу 11.000 до 10.000 години. Причината биле природните промени во Земјината орбита, познати како Миланковичеви циклуси, кои влијаат врз количеството сончева енергија што стигнува до различни делови од планетата.

Во следните милениуми температурите постепено опаѓале, но остатоците од Лаврентиската ледена плоча продолжиле да се намалуваат. Причината била што површината на мразот веќе се спуштила на толку мала надморска височина што не можела повторно да се зголемува, и покрај заладувањето.

Пред околу 3.600 години ледената покривка Барнс била дури и помала отколку денес. Во таква состојба останала до пред приближно 2.000 години, кога повторно почнала да се шири.

Според истражувачите, токму тоа ширење можело да го означува почетокот на нов период на заледување.

Ледената покривка продолжила да расте сè до околу 1960 година, кога го достигнала својот најголем обем во поновата историја. Но тогаш трендот нагло се променил.

Поради зголемувањето на летните температури, мразот почнал да се топи побрзо отколку што можел да се обнови во текот на зимата.

Научниците утврдиле дека речиси целокупното намалување на ледената покривка Барнс од 1960-тите наваму може да се објасни со порастот на летните температури. Истата појава се забележува и кај други ледени покривки на канадскиот Арктик и во северниот Атлантик.

Истражувањето го поврзува овој пресврт со зголемувањето на концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, особено по почетокот на индустриската револуција.

Интересно е што индустриското затоплување започнало во период кога Земјата излегувала од таканаречената Мала ледена доба, повеќевековен период на пониски температури, чија особено студена фаза траела од крајот на 18 до крајот на 19 век.

Според климатските модели, доколку продолжат сегашните климатски услови, ледената покривка Барнс би можела целосно да исчезне. Со тоа би исчезнал и еден од последните остатоци од некогашната огромна Лаврентиска ледена плоча.

„Тоа ќе биде вистинското исчезнување на последните остатоци од Лаврентиската ледена плоча“, вели Јанг.

„Она што беше сосема природна и предвидлива појава сега исчезнува“, заклучува научникот.

Извор: МКД.мк