Се укинува меѓуградскиот превоз меѓу Куманово и сите други градови, како и јавниот превоз во градот

Од денешните новодијагностицирани 12 случаи на коронавирус во земјава, од кои 5 се од Куманово, тројца се здравствени работници, и тоа двајца доктори и една медицинска сестра, информираше министерот Филипче.

Како што посочи тој, во кумановската болница вчера интензивно се работело од страна на локалните епидемиолози од Центарот за јавно здравје Куманово и интензивно се правеле интервјуа, се анализирале првичните и секундарни контакти, а сите во врска со починатата пациентка.

Филипче истакна и дека детално е анализирано и семејството, во смисла на контакти, релации во однос на евентуални патувања во странство, како и контакти со луѓе кои биле во странство.

Резултатите се очекуваат во текот на денот, а земени се брисеви од вкупно 63 лица, како од медицински персонал во болницата, така и од членови на семејството. Согласно резултатите, ќе се направи и план за работа на целата болница, во однос на функционирање на одделенијата.

Поради новонастанатата ситуација, на денешната владина седница биле донесени и дополнителни одлуки за Куманово, информираше Филипче:

Целосно се укинува меѓуградскиот превоз меѓу Куманово и сите други градови. Покрај тоа, се укинува и градскиот превоз во Куманово.

Истовремено, се дава препорака да се затворат сите продавници во полуотворените и сите други трговски центри за кои не важи забраната за затворените молови.

Институтот за јавно здравје, пак, се задолжува за поинтензивна работа, не само во Куманово, туку и во целиот кумановски регион, со оглед што едно од позитивните медицински лица живее во околината на градот.

„Сметаме дека со овие дополнителни мерки има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на вирусот“, истакна Филипче.

- Реклама -