„Се радувам што на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“, вели Првиот човек на МАНУ – академик Љупчо Коцарев, во изјава за „Канал 5“, откако од Филолошкиот факултет остро ги демантираа неговите изјави дека ќе дојде до вакво укинување.
„Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам“, напиша претходно Коцарев по повод усвојувањето на националната програма за релизација на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.
На ова реагираше раководителката на Катедрата по македонски јазик – Искра Пановска-Димкова:
„Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици, но и уште пострашно – за опасни манипулации и инсинуации истовремено. За жал, тоа се случува токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор – Блаже Конески“, пишува таа на Фејсбук.
Како што посочува Пановска-Димкова, претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ, а истовремено не посочува ниту една институција или лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Таа побара останатите членови на МАНУ да се оградат од ставовите на Коцарев.
„Категорично тврдам дека досега од ниту едно место, до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било ‘гласини’ дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, барам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите.
Истовремено ја уверувам македонската јавност дека до колку некој поединец или институција би се дрзнале да чепнат во интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се бориме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“, порачува Пановска-Димкова.
Со истата реакција, преку отворено писмо потпишано од повеќе професори, се огласи и Филолошкиот факултет.
Денеска и премиерот Зоран Заев ги демантираше шпекулациите на Коцарев, оценувајќи ги како „погрешни информации“ кои дошле до првиот човек на МАНУ.
„Мислам дека јавно беше објавено и од Катедрата за македонски јазик и од соодветниот факултет. Оваа година ние одбележуваме 100 години Блаже Конески и исто така одбележуваме година на македонскиот јазик и апсолутно, од она што го прочитав во колумните и реакциите на македонистите во текот на вчерашниот ден, апсолутно недвосмислено е дека не само што никому не му паѓа на памет да ја укине катедрата за македонски јазик, туку тие ја користат годината на Блаже Конески и македонскиот јазик токму за дополнителна афирмација на македонскиот јазик; Во делот на промоција да се запишуваат што повеќе студенти на катедрата за македонски јазик, бидејќи мала е бројката, реално. Вториот дел е на дигитализацијата на македонскиот јазик и негова афирмација во светот, посебно со фокус да учат дечињата на нашите сограѓани коишто се во дијаспората, да го научат македонскиот јазик. И секако, афирмацијата на македонскиот јазик во Европската унија и институциите како што се архивите, библиотеките и сите други институции во Европската унија. Тоа ќе биде дополнителна можност за афирмацијата на македонскиот јазик.
Така да, апсолутно тврдам дека нема ништо точно и вистина во некои лажни информации коишто стигнале до почитуваниот претседател на МАНУ и драго ми е што веднаш, истиот ден, се разјаснија ваквите невистинити информации“, рече Заев.
Коцарев, пак, тврди дека се работи за негови лични ставови:
„Посакувам во идните реорганизации на факултетот, рамо до рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со единствена цел заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески“, додаде тој во изјавата за „Канал 5“.