Најголемиот македонски талент, Давид Бабунски преку својот фејсбук профил отворено ги искажа своите ставови за последните случувања околу репрезентацијата и амбициите кои ги има со македонската селекција.
По Агим Ибраими и Горан Пандев, се јави и Давид Бабунски, македонските репрезентативци конечно јавно проговорија за случувањата во нашата селекција.
Чашата е прелеана, назад повеќе нема, време е да се тргне од почеток и да се гради селекција во позитивна атмосфера која ќе носи успеси.
Најмладиот во селекцијата, Давид Бабунски има силна верба дека можат да се достигнат и највисоките височини со националниот тим, пристапот на членот на Барселона може да биде пример за неговите постари колеги од репрезентацијата.
„Читајќи ги последните изјави од моите колеги и коментарите на медиумите во Македонија, навистина не можам да останам рамнодушен и да гледам отстрана како се ова оди кон уште полоша насока. И точно е се, дека не е во ред и точно е се, дека е хаос и во соблекувална и пред натпревар и по натпревар. Искрено мислев дека ќе биде подобро и дека наскоро ќе можеме да ги надминеме сите тие негативности. Но очигледно е дека не е така” – пишува Бабунски на својот фејсбук профил.
„А зошто не сум пишал порано? Затоа што сигурно дека нема да бидам јас тој што би правел раздор пред да завршат квалфикациите, како што не сакам ни сега, туку само сакам да биде подобро и конечно да тргнеме нагоре”.
„Но дали некој ќе преземе нешто, тоа е друго прашање. Зошто не презема ни до сега? А јас не само што сум револтиран и пишувам туку веќе се сомневам и дека мојот придонес и мојата жртва значат воопшто некому”.
„Зошто жртва? Па едноставно, со секое доаѓање во репрезентацијата јас жртвувам играње со првиот тим на Барса Б. Бидејќи по секое одење во репрезентацијата губам право на играње во следните еден или два натпревари додека се вратам на ритамот на тренинзи и на ритамот на тактичка воиграност со другите во екипата. Да, јас тоа го знам и со моите 19 години правам жртва бидејќи сакам да играм за Македонија. Сакам со Македонија да одам и на ЕП и на СП. И покрај тоа што можеби жртвувам во тренинзите онаму каде се поквалитетни, онаму каде учам до совршенство да играм фудбал. Тоа за мене е меч со две оштрици. И јас ја бирам повторно патриотската страна”.
„Но дали е тоа правилно? Кажете ми вие како би реагирале да сте на мое место? Резултати Нула. Ај што не играме добро, туку немаме ни идеја, ни визија. Немаме ни атмосфера. Сите со сите сме поделени. Насекаде кланови во репрезентацијата. Да, и тоа е точно. Тоа го нема ни во Барса ни на тренинзите. Иако таму сме различни, сите сме едно, сите работиме за тимот. Овде треба да сме посплотени, затоа што станува збор за нашата земја. Тука не играме за пари. Играме за знамето. Играме за химната. Играм за дедо ми и прадедо ми. Играм за другарите кои ги имам таму. Играм за роднините. Играм за сите овде што сте ми пријатели на фејсбук. Играм затоа што верувам дека еден ден ќе играм на Европско или Светско. Не ИЛИ на европско или на светско. На двете! Не уште по верно, сонувам да освојам светско првенство со Македонија”.
„Јас не се плашам од големите соништа. Да. Јас сум Давид Бабунски. Верувам во тоа. Знам дека ќе ми се оствари желбата. Време е да се промени негативниот пат по кој толку време се движиме. Да се промени македонскиот песимистички менталитет. Да тргнеме сите заедно на еден нов пат со победнички, заеднички и позитивен дух”.
„Но ајде прво конечно да почнеме да играме фудбал. Вие што треба да носите квалитет на клупа, направете го тоа. Сега е моментот. Од нула да одиме нагоре. Квалитетен тренер па после да се среди и хаосот во соблекувалната. Доста веќе со тоа кој е кој и кој каде игра. Нека играат квалитетните. Ако не ми оди нека ме сменат, па на следниот натпревар ќе се трудам да бидам подобар. Нова вака веќе не може. Сите знаеме што се случува внатре а сите ќутиме. Доста е. Време е некои да удри на маса и да каже КРАЈ. Еве јас удирам на маса. Го допревме дното. Ја изневеруваме публиката. А таа жртва е најголема. Поголема и од моето неиграње веќе в недела додека не се вратам пак на континуитетот со мојата екпиа. Жртвата ја дадовме. А сега на ред е да почнеме од нула. Со здрава основа на сите полиња. Вака веќе не оди!
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал