Меѓу 25 и 54% од луѓето крцкаат прсти по неколку пати од денот. 99% од луѓето околу нив ќе им речат дека не е убаво, дека ќе фатат артритис, дека ќе им се тресат кога ќе бидат постари. Бабини деветини или совети на место?
Одговорот е – првото. И покрај тоа што сите го повторуваат тоа како мантра, науката не успева да најде корелација меѓу крцкањето на прстите и развивање на артритис во зглобовите.
Кога ги „крцкате“ прстите, всушност, не ги крцкате коските, туку пукате меурчиња. Тие меурчиња се во нашата синовијална течност – супстанца налик на жолчка која ги подмачкува обласите меѓу коските, со што го намалува триењето и овозможува полесно движење.
Еве како се одвива процесот: Кога го правите движењето за да ги искрцкате прстите, било со тегнење или виткање наназад (она кога ги преплетувате), вие го истегнувате и проширувате зглобот. Со тоа се намалува притисокот во зглобот и меѓу лигаментите. Намалувањето на притисокот дозволува одредени гасови (како јаглеродниот диоксид, азотот и кислородот) од синовијалната течност да формираат меурчиња кои почнуваат да се движат кон празниот простор. Кога зглобовите ќе се вратат на своето место, течноста исто така се враќа во својата првобитна позиција и ги пука овие мали меурчиња. Оттаму звукот на „крцкање“.
Што се однесува до пријатното чувство при крцкањето, тоа се јавува бидејќи истегнувањето на зглобот исто така ги стимулира и нервните завршетоци кои се наоѓаат долж прстите. Зглобовите можете да ги крцкате на секои 15 минути до половина час, колку што е потребно за гасовите да се вратат и „растворат“ во синовијалната течност.
Направени се доста студии со цел да се провери дали тврдењето за артритисот има реална основа. Една од нив, објавена во Journal of the American Board of Family Medicine во 2010-та, покажува дека во група од 215 учесници на возраст од 50 до 89, артритис имаат околу 18% од луѓето кои ги крцкаат прстите, и 21.5% од луѓето кои не ги крцкаат прстите. Од вака мали бројки невозможно е да се изведе издржана корелација меѓу крцкањето на прстите и артритисот.
Кога сме веќе кај студиите, веројатно најзабавната е таа на д-р Доналд Унгер, кој, инспириран од попувањето на мајка му додека бил дете, поминал 60 години крцкајќи ги прстите само на левата рака, по два пати дневно. Прстите на десната рака не ги крцкал, ја оставил да му биде „контролен примерок“ во експериментот. Неговата студија е објавена во 1998 во журналот Arthritis & Rheumatism. Унгер исто така не наоѓа никаков евидентен знак на артритис во неговата лева рака, споредено со десната.
Така да, крцкајте си.