СДСМ за меморандумот од Бугарија: Билатерални спорови нема да бидат сопка на нашиот пат кон ЕУ

„Како сериозни политичари особено и како сериозна партија секогаш сме давале шанса да по пат на дијалог, по пат на обемни разговори ги затвораме сите крупни прашања коишто ги тиштат граѓаните на нашата држава, но и граѓаните на државите со којшто сме имале претходни тешки спорови“, изјави пратеникот и портпарол на партијата – Костадин Костадинов, прашан која е реакцијата на СДСМ за меморандумот во кој официјална Софија тврди дека македонскиот идентитет и јазик се вештачки творби, и дали истиот ќе ги наруши меѓусоседските односи и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Она што е најважно е дека еве, и јас од овде сум Македонец, јас од овде зборувам македонски јазик, вие поставувате прашања на македонски јазик и секако и најважно – согласно договорите признаени од цел свет. Јас искрено сум убеден дека камен на сопнување во нашиот интегративен пат кон ЕУ нема да бидат билатерални спорови во случајот со Република Бугарија“, додаде Костадинов.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Допрашан дали во СДСМ се изненадени од ваквиот потег на официјална Софија, Костадинов не даде конкретен одговор:

„Нема да коментирам ставови од држави во коишто имаат и сериозни политички дестабилизации. Јас знам дека можеби дел од структурите таму се и политички погодени и можеби заради тоа пуштаат некакви такви ставови, но убеден сум дека по пат на дијалог, со ладни глави, ќе ги разрешиме сите прашања кои ќе произлезат од овие преговори. Секако, без тоа да наштети на нашиот интегративен пат кон Европската Унија“, рече портпаролот на СДСМ.

- Реклама -