„СДСМ е подготвена да работи уште повеќе и уште подобро и го испорача резултатот кој го очекуваат граѓаните“, велат од партијата која со коалицијата „Можеме“ освои најмногу (46) пратенички мандати на парламентарните избори на 15 јули.
Поддршката на предвремените парламентарни избори од граѓаните, велат од СДСМ, е ветер во грбот и јасен сигнал за продолжување на патот кој досега го трасирале. Според нив, тоа значи парите да завршуваат кај граѓаните, да има правда, да бидеме дел од европското семејство.
„Со победа на СДСМ и коалицијата, гаѓаните недвосмислено потврдија дека сакаат државата да продолжи напред. Нема повеќе враќање назад, нема повеќе режим, неизвесност и несигурност.
Граѓаните сакаат да живеат во економски напредна држава со европски вредности дома, држава во која законите се еднакви за сите и држава горда членка на НАТО и рамо до рамо еднаква со најмоќните земји во светот.
Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните“, порачуваат од партијата.