СДСМ: Приоритет ќе биде воспоставување на ред, правда и дисциплина во државата

Воспоставување на ред, правда и дисциплина во државата, но и силна, неселективна борба против криминалот и корупцијата на сите нивоа, ќе бидат еден од главните приоритети на новата Влада во следниот четиригодишен мандат, порачуваат од СДСМ.

„Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер.

Ќе има проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер, како и санкции за оние кај кои е утврдено нечесно работење.

Следува процес на прочистување на судството. Оние судии за кои ќе се докаже дека свесно застарувале предмети ќе бидат разрешени, а следува и ревизија на 5 отсто од судски предмети одбрани по случаен избор.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе донесеме нов Кривичен законик, но согласно европските стандарди, а не според нечии потреби

Предметите од Специјалното јавно обвинителство кои со години се заглавени, ќе добијат конечна разрешница“, се вели во соопштението.

Од партијата велат дека поддршката и довербата добиена на предвремените парламентарни избори значи и целосна поддршка во борбата против корупцијата, која, како што велат, е заеднички непријател и на граѓаните, и на институциите.

„Ред дицсиплина и правда е еден од нашите столбови на којшто се обврзавме и тоа ќе го испорачаме во следниот период. Во новиот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните и државата“, порачуваат од СДСМ.

- Реклама -