СДСМ предложи измени на законот за политички партии за дистанцирање од фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска до Собранието предложија измени и дополнувања на Законот за политичките партии, по скратена постапка. Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот.

Со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст.

Се очекува законот да биде ставен на денен ред на денешната 88. седница.

Во образложението на Законот, објавен на веб страната на Собранието, стои дека со Предлог законот се заштитуваат демократските вредности како и принципите на правната сигурност на граѓаните во едно демократско општество. Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена .

Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза, нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам,нацизам,национал-социјализам и Третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.

Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал социјализам и Третиот Рајх.

„Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, крaтаенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал социјализам и Третиот рајх“, се предлага во еден од ставовите.

Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не се произнесува дали ќе го поддржи овој законски текст.

На дневен ред на денешната 88. седница на Собранието е и Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, по скратена постапка, е дел од дневниот ред на денешната 88. седница на Собранието, а на предлог на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Со предложените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации во член 4 ставот (2) се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.“

„Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх“, стои во новиот став во членот 8 од законот.

Според Предлог законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава Министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира Министерот за правда.

Во преодните и завршните одредби на Предлот измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар на РСМ. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите,во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

МИА

- Реклама -