2022 година беше година на предизвици и справување со последиците од глобалната економска и енергетска криза, но благодарение на навремените и ефикасни мерки преземени од Владата, успешно е заштитен животниот стандард на граѓаните и е обезбедена помош за компаниите, велат од СДСМ.
Во оваа, 2023 година, порачуваат од партијата, „успешните економски мерки и политики“ ќе продолжат, а 2023 година, како што велат, ќе бде година на економски пресврт, во која платите и пензиите ќе продолжат да растат.
„Веќе во март месец, следува покачување на пензиите помеѓу шест и седум отсто за сите 330.000 пензионери.
Создадени се услови за ново зголемување на минималната плата за 10 отсто со што таа ќе изнесува безмалку 20.000 денари. Тоа ќе придонесе за усогласување, односно раст на платите во сите сектори“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Во Буџетот за 2023 година, истакна исто така, предвидени се 800 милиони евра за капитални инвестиции со што ќе се поттикне економскиот раст, кој, како што велат од СДСМ, според проценките на ЕБОР оваа година ќе биде околу 2.3 отсто.
Активно се работи и на привлекување нови странски директни инвестиции кои отвораат нови добро платени работни места кои ја намалуваат стапката на невработеност, додаде Кузеска.
Во новата 2023 година продолжува и поддршката за граѓаните за справување со последиците од кризата, за што во Буџетот се предвидени 250 милиони евра за нови антикризни мерки, велат од СДСМ.
„СДСМ продолжува со постојана грижа за македонската економија и македонските граѓани. Продолжуваме со реализација на мерки и политики што го заштитуваат и унапредуваат животниот стандард на сите граѓани“, порачаа од владејачката партија.