СДСМ: Со оставката на Заев во оставка е и целото партиско раководство, се реорганизираме за најдбро да му служиме на народот

Парламентарното мнозинство е одговорно кон иднината на државата и народот и во оваа насока СДСМ разговора со сите партии коалициски партнери кои потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на Владата од ова парламентарно мнозинство, соопшти денеска Социјалдемократскиот сојуз.

„На Северна Македонија ѝ е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза со јасен евроатлантски курс на дејствување“, се додава во соопштението.

Од партијата информираат дека во тек се секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство.

„На денешниот состанок на раководство на СДСМ, претседателот на партијата Зоран Заев информираше за консултациите и разговорите со коалициските партнери“, информираа од СДСМ.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Во соопштението се посочува дека заедно со претседателот Зоран Заев, партиското раководство работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата.

„На денешниот состанок на раководството се утврдија следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани“, истакнаа од партијата.

Од СДСМ, посочуваат и дека согласно статутарните одредби, со оставката на Заев на местото лидер на партијата, во оставка е и целото раководство на СДСМ.

- Реклама -