СДСМ: Со навремени мерки го амортизиравме ценовниот шок, Северна Македонија има најевтини горива во регионот

„Владата предводена од СДСМ во услови на светска криза, презема навремени и ефикасни мерки за заштита на животниот стандард и помош на домашните компании“, порачаа денеска од СДСМ.

Пратеничката Фаница Николоска, на прес-конференција, истакна дека пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра, кои, како што рече, брзо и навремено ги донеле, го штитат економскиот стандард на граѓаните и им помгаат на компаниите да ја сочуваат својата ликвидност и да ги задржат вработените.

Реализацијата на овие мерки веќе дава видливи резултати, оцени Николоска.

„Со намалувањето на ДДВ за горивата и намалувањето на акцизата спречивме нови ценовни шокови и денес, во Северна Македонија има најевтини горива во регионот.

Со намалувањето ДДВ-то за основните прехранбени производи на 0% и замрзнување на маржите спречивме драматично поскапување на потрошувачката кошничка.

Во време на најголема криза финансиски ги помагаме граѓаните и компаниите, целиот фокус е на заштита на животниот стандард.

Ја зголемивме минималната плата и веќе од следниот месец ќе изнесува 18.000 денари. Тоа е директна помош за над 80 илјади работници кои досега земаа 15.000 денари.

Во следните три месеци 36.000 семејства со ниски приходи и околу 330.000 пензионери ќе добиваат по 1.000 денари месечно на своите сметки.

Владата предводена од СДСМ интервенира и во намалувањето на трошоците за електрична енергија, преку субвенционирање на 80 отсто од сметките за струја на домаќинствата. Но, и преку ваучери за сметки за електрична енергија кои ги добиваат околу 6.500 домаќинства“, наведе пратеничката на СДСМ.

Таа потсети и дека Владата воспостави и Интервентен фонд за поддршка на земјоделците кои, како што рече, во време на криза се соочуваат со потешкотии во производството, а потсети и дека на располагање се ставени неколку механизми за помош и поддршка на компаниите во одржувањето на ликвидноста и конкурентноста.

„Невработеноста и во време на криза успеавме да ја намалиме на досега најниско ниво од околу 15 проценти“, додаде Николоска.

„Пред нас е тешка година, но со правилен пристап, со насочување на парите кон граѓаните, кон стопанството, кон сите оние на кои им се најпотребни во време на криза, сите предизвици заедно и успешно ќе ги совладаме“, порачаа од СДСМ.

- Реклама -