СДСМ: Изразуваме почит за понудената оставка на Филипче, истрагата помогната со меѓународни експерти ќе ги даде сите одговори

„Истрагата што надлежните институции ја спроведуваат во соработка со меѓународни експерти, ќе ги даде одговорите за сите прашања поврзани со трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово. Ефикасната и брза истрага ќе даде дополнителна потврда за капацитетноста на институциите и нивната професионална посветеност“, порачаа вечерва од СДСМ.

Од владејачката партија особено го поздравуваат ангажманот на врвните германски експерти за форензика кој треба да донесе дополнителна вредност во процесот на истрага.

„Истовремено, како партија изразуваме почит кон одлуката на министерот Венко Филипче за понудената оставка и ги почитуваме одлуките и на заменикот министер за здравство и директорите на болницата во Тетово.

Одлуката на министерот за здравство Филипче, поттикната од чувството на морална одговорност, ја отсликува неговата посветена, чесна работа како одговорен министер, со строго почитување на етичките правила и морал.

Министерот Филипче е пример за одговорен политичар кој избра да им служи на граѓаните и да се бори за нивното здравје и нивните животи“, се вели во соопштението.

- Реклама -