„За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава.
Но, нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицковски е толку нервозен“, велат од СДСМ по денешните објави за наводен тајна валкана зделка меѓу власта и екс-премиерот Никола Груевски за негова слобода во замена за тоа да помогне, преку неговите поддржувачи, да поминат уставните измени.
„Политиката на блокада на Мицковски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него. Неговата политика против Европа ќе се покаже како катастрофална за неговата партија и за него“, велат од владејачката партија.
„СДСМ ќе направи се и нема да дозволи Мицковски или кој било повторно да ни ја земе државата како заложник. Заедно со граѓаните и со проевропските политички партии ќе продолжиме да се бориме за европска Македонија додека не ја достигнеме државната цел, членство во ЕУ“, се наведува во соопштението.