СДСМ: Го зголемуваме животниот стандард и ги извлекуваме граѓаните од сиромаштија

„СДСМ како одговорна партија, во изминатите две години спроведе низа мерки и политики кои обезбедуваат зголемување на животниот стандард, намалени трошоци и намалување на стапката на сиромаштија.

Минималната плата се зголемува на 14.500 денари, што е за 2.000 денари повеќе од сегашниот минимум, односно дури за 5.500 денари повеќе од минимумот во текстилната, кожарската и чевларската индустрија во 2016 година“, велат од владејачката партија во денешното соопштение.

Од СДСМ додаваат и дека вовеле социјална реформа со која се подобрува животот на околу 300.00 граѓани и социјалната помош е зголемена и до 300 отсто.

„За три пати е зголемен опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Тоа е многу важно за извлекување од детска сиромаштија.

За оние граѓани кои не ги исполнуваат условите за добивање пензија, воведовме социјална државна пензија, а наскоро се очекува значително зголемување на сите пензии.

Прочитајте и:  Костова: Зголемување на старосната граница за пензионирање уште повеќе ќе ја испразни државата, СДСМ во целост ја отфрла идејата

Трајно го решивме проблемот со стечајните работници. Со последните измени на Законот за стечајци, за 12.000 наши сограѓани е обезбеден месечен надоместок од над 8.000 денари кој ќе го добиваат до нивно пензионирање.

Паралелно со ова, ги намалуваме и трошоците во домаќинствата што е во насока на полиитките за извлекување од сиромаштија.

Ја укинавме радиодифузната такса, воведовме евтина дневна тарифа на струјата, намалени се сметките за парно, а во неколку општини, намалена е и цената на водата за пиење“, се наведува понатаму во соопштението.

СДСМ продолжува со мерките и политиките што обезбедуваат повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани, порачуваат од партијата.

- Реклама -