Самостојна изложба на ликовниот уметник Синиша Новески во Република Хрватска

Во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, на 23 мај ќе се реализира самостојната изложба на уметникот Синиша Новески насловена како „Мистерија и индивидуализам“. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Во изложбениот простор на информативниот центар ќе бидат претставени 12 скулптури, а на официјалното отворање на изложбата кое е закажано за 20ч ќе се обрати проф. д-р Милаим Фетаи, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северена Македонија во Република Хрватска, Наталија Поповска, директорката на Културно информативниот центар во Загреб, проф. д-р. Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија. За хрватска публика, припадниците на македонската дијаспора и сите останати љубители на уметноста изложбата ќе биде достапна до 30 мај 2024 година. Оваа изложба го надополнува богатиот каледнар на настани во 2024 г. во доменот на културната дипломатија на Националната галерија.

Авторот за себе ќе каже: „За мене убавината не е она што го гледате кога гледате скулптура, туку она што го чувствувате. Во уметноста нема правила, а не постои ниту строго дефиниран процес за создавање скулптура. Уметникот е свој господар и си создава свој свет како што сака и како што го знае.“

Прочитајте и:  Оливер Мусовиќ во Регенсбург - Trn.mk

Самиот наслов на изложбата „Мистерија и индивидуализам“ не е случаен.

„За време на пандемијата, бидејќи мојата сопруга, ќерка и јас бевме како свет за себе, семејството неизбежно стана доминантна тема во мојата работа. Секоја нова скулптура стана не само експеримент во стилот, формата и материјалот, туку и истражување на близината и далечината, физички и емоционални“, сподели авторот со кураторката на проектот, Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

Голем број на скулптури на Синиша Новески се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во Р. Северна Македонија, Србија, Бугарија и Соединетите Американски Држави.

Излагал на повеќе од дваесет самостојни изложби и на повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, актуелен член во Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско педагошко работење со студенти.

- Реклама -