Во четврток на 11.јуни со почеток во 20:00 часот, во Магазата Битола ќе биде отворена самостојната изложба на Доротеј Нешовски-Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото.
„Мноштво шарени вертикали со различни висини образуваат јасни геометриски структури, но истовремено се и без форма. Некои изгледаат како бранови, некои како планини, некои образуваат форма на амфитеатар – сите заедно означуваат гужва, како фигури во топла или дрва во шума. Сенките од овие форми изгледаат како непознати предели. Дали овие форми претставуваат вистински или замислени пејзажи? Помеѓу овие структури се наоѓаат и стаклени кутии полни со струготини од дрвени боици. Изгледаат како акумулации од неопределени остатоци од еден процес на физичко и метафоричко изострување. Врз кутиите се испишани нејасни, невозможни равенки – можеби како начин да се најде патот назад низ ноќната шума. Што всушност е шумата, ако не збир од неизвсни појави и прикази? Понатаму, низ стаклените кутии се забележуваат комплексни форми кои потсетуваат на фрагменти од кора од дрво. Овие форми висат низ просторот, поставени како истовремено да излегуваат од некоја замислена површина или да паѓаат од високо. Тука се и човечките силуети во различни положби на преобразба како фигури кои привремено го населуваат овој простор“ се вели во описот на изложбата.
Својата најнова уметничка продукција, која Доротеј Нешовски ја насловува како „Ноќна шума“, е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едонставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боици, вертикали, сенки, транспарентни слоеви кои ја имаат главната улога и во оваа поставка. Во уметничката практиката на Доротеј тие се искористени не во нивната очигледна функција, туку како приказ на комплексни формални и метафорички структури – носители на неизвесни значења. Дрвените боици формираат микро-средини кои личат на градови или урбани објекти и формации; струготините кои произлегуваат како вишок отпаден материјал од процесот на острење на дрвените боици во овој случај нè тераат да се прашаме што (може) да се прави со акумулациите на преостанати форми и материјали. Како преку ова натрупување на значења би можеле да го формулираме сложениот однос помеѓу природните средини и човечките заедници?
Ребека Солнит [Rebecca Solnit] го споредува патот низ шумата со патот низ нашите сеќавања на минатото, заедно со предметите кои ги обележуваат овие сеќавања: „треба да можеме повторно да си го најдеме патот назад со помош на предметите што ги испуштивме по пат, како Ханзел и Гретел во шумата, предметите што нè враќаат назад во времето, ја поништуваат секоја загуба, патот назад од изгубените очила до изгубените играчки и млечните заби“.
Доротеј во својот работен и мисловен процес постојано го поставува прашањето: можеме ли да објасниме што ни се случува во уметноста? Јас тука би го додал и прашањето што како искуство ни се случува со и низ уметноста? И еден од можните одговори е оваа свесна одлука да се знаеме како да се изгубиме, за која зборува Бенјамин, а преку тоа и да бидеме подготвени да сме целосно присутни во непознати физички и метафорички предели со нејасни патеки; да бидеме љубопитни за непознатото, неизвесното и повеќезначното.
Токму уметноста како поле на комуникација и делување овозможува создавање заеднички простори каде што луѓето едни со други можат да учествуваат во колективна потрага по одговори на овие прашања.
Во оваа смисла, уметничките практики на Доротеј, а со тоа и делата од „Ноќна шума“, преместуваат различни формални квалитети од една во друга состојба, не само како можен начин да се открие непознатото, туку и како предлог да се соочиме со нашето непознавање на непознатото, а со тоа, можеби, и да се вратиме по истата линија до местото од каде што сме тргнале, но, овојпат променети.
Куратор и автор на текстот е Дарко Алексовски, визуелен уметник.