Специјални попусти за вечера за двајца, карти за во кино за двајца, идеи за подароци…Денот на вљубените може да биде кошмар за сите дами кои немаат партнер. Да бидете сингл на 14 февруари не е страшно. Може да се забавувате и сами. Еве неколку идеи
Поминете ја ноќта со омилениот актер
Без разлика дали вашиот маж од соништата е Џони Деп, Бред Пит, Џорџ Клуни или некој друг, организирајте си филмски маратон и гледајте филмови во кои глуми вашиот омилен маж од големото платно. По неколку часа поминати во друштво со него ќе заспиете опуштени и задоволни.
Разгалете се
Помислете колку пари сте заштедиле зошто нема на кого да му купувате подарок за Св. Валентин, па почастете се себе си. Посетете спа центар, купете си некое парче облека. Дури и оние дами кои не располагаат со многу пари тој ден може да се почестат со фенирање, маникир или педикир, парче накит, а погледот на нова фризура ќе ви го подигне расположението.
Засакајте нешто ново
Ова е идеална прилика да почнете нова активност која би можеле да ја засакате. Запишете се на часови по салса или друг танц, пробајте јога, запишете се на било кој курс за кој зборувате со месеци.
Забавувајте се со пријателите
Тоа што сте сингл не значи дека сте осамени и дека сте единствената личност која нема партнер.
Соберете ги пријателите и излезете заедно. Може да организирате и домашна забава на која ќе поканите луѓе со кои не се гледате толку често.
Израдувајте некоја драга личност
Иако нема да добиете букет, романтична вечера или некој друг подарок, ова е ден кога треба да дадете љубов на вашите драги личности. Изненадете ја вашата мајка со некоја ситница, најдобрата другарка одведете ја во кино, а колешката на кафе.
Сетете се зошто е добро да бидете сингл
Запишете ги на хартија позитивните страни на тоа дека сте сами и ќе видите дека списокот и не е баш така краток. Уживајте во времето кое го имате за себе и славете ја својата независност.