Саливан: НАТО бара од Унгарија да го ратификува приемот на Шведска, а трпението на Вашингтон има граници

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави во Брисел дека тој и неговите колеги од НАТО денеска ја предупредиле Унгарија да не го одложува давањето согласност за членство на Шведска во оваа воена алијанса, а предупреди и дека трпението на Вашингтон има граници.

Членовите на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која има апсолутно парламентарно мнозинство во земјата, во понеделникот ја бојкотираа итната седница на Националното собрание на која требаше да се гласа за прием на Шведска во Северноатлантската алијанса.

За членство мора да се согласи секоја членка на НАТО, и сите се согласија – освен Унгарија, па затоа бојкотот на Фидес го продолжи 18-месечното одложување на одлуката, што ги налути сојузниците на земјата.

Доколку во меѓувреме не се свика уште една итна седница на унгарскиот парламент на тема ратификација на приемот на Шведска во НАТО, Парламентот во Будимпешта ќе одржи редовна седница на 26 февруари.

Од јули 2022 година, кога дотогаш неутрална Шведска, под влијание на руската инвазија на Украина, аплицираше за членство во НАТО, Фидес го кочи процесот на пристапување, тврдејќи дека шведските политичари кажуваат „безобразни лаги“ за состојбата на демократијата во Унгарија. Партијата инсистира премиерот на Шведска прво да дојде во Унгарија, а потоа да се гласа за членство во Алијансата.

Прочитајте и:  Тимот на Трамп со остри критики за одлуката на Бајден: „Ова е како нова војна, сите претходни калкулации сега се ништовни“

– Слушнавме од еден по друг национален советник како велат дека е крајно време Шведска да биде примена и дека директно му се обраќаат на претставникот на Унгарија, изјави Саливан по состанокот на највисоките безбедносни претставници на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел.

Саливан рече дека тој и неговите колеги ѝ ставиле до знаење на Унгарија дека „прашање на кредибилитет и обврска е да ги преземат неопходните чекори“ за завршување на парламентарната процедура за ратификација на приемот на Шведска во Алијансата.

Американскиот функционер рече дека не му е намерата „да стои овде денес и да упатува закани или да шпекулира за чекорите“ што ќе ги преземат САД, но додаде: „Се разбира, нашето трпение во ова прашање не може да биде неограничено“.

– САД ќе продолжат внимателно да го следат ова, но се надеваме дека во блиска иднина ќе има конструктивно решение за овој спор, додаде Саливан.

- Реклама -