„Класичен пример за српското влијание и пропагандата вгнездена длабоко во Скопје“, пишува бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на Фејсбук, вознемирен од колумната на Љубиша Николовски за „Слободен печат“, со наслов „Со Борисов на ракија, ама со Вучиќ на вино“.
„Вучиќ се појави на Свети Трифун на Табановце и ги донесе првите вакцини за Македонците“, го цитира Џамбаски почетокот на колумната, па коментира:
„Како голем ослободител за македонскиот народ е претставен претседателот на Србија – Александар Вучиќ. Си мислевте дека култот кон личноста исчезнал на овие географски широчини? Не, грешите. Не и во Северна Македонија, каде Вучиќ е опишан како ‘вождот од Белград’. А Бугарија, Грција и ЕУ се ‘лошите’ на сликата, насликана со таков неверојатен занес од авторот на статијата.
Можеме само да сонуваме во моментов во Северна Македонија да се појави таков тип статија за Бугарија“, додава Џамбаски. „Зашто таму за нас сѐ уште се пишува како за ‘фашистички окупатор’. И така е од пред повеќе од 70 години“, заклучува европратеникот.
Од друга страна, пак, на Фејсбук профилот на Џамбаски денеска ќе најдете и пост за „Белата книга за јазичниот спор меѓу Република Северна Македонија и Бугарија“, која вчера беше презентирана во Софија. Како што вели Џамбаски, не смее да се пропушти шансата што ја дава оваа книга, чија цел е, како што вели, да ја аргументира бугарската позиција во однос на евроинтеграцијата на Скопје и да ги запознае бугарските партнери со антибугарските процеси во земјава. Освен тоа, Џамбаски топло го препорачува овој „научен труд“ за сите политичари во Скопје и секој човек во Македонија, а тој самиот ќе се погрижел книгата да стигне до неговите колеги во Европскиот парламент.
Забавата на профилот на Џамбаски не застанува тука. Веднаш по постот за „Белата книга“, може да се забележи уште една реакција на европратеникот, повторно за колумна во македонските медиуми, во која авторот извлекува заклучок дека Бугарија сака (фигуративно) да нѐ окупира. Џамбаски, на ничие изненадување, на напишаното му придава значење небаре тоа го изјавил претседателот на државава, па пишува:
„За такви лажни вести, гнасни манипулации и отворени интриги станува збор и затоа е позицијата на Бугарија таква каква што е кон членството на Северна Македонија во ЕУ. Тоа е стилот во Скопје, такви се ‘фактите’ кои обичните граѓани секојдневно ги читаат и восприемаат. И тоа е наслојувано со години, ама кој може веќе да изброи…“.
Меѓутоа, трагајќи по сочни колумни во македонските медиуми, Џамбаски изгледа не постигнува да ги прочита оние најсочните во бугарските. Па така, кога веќе стигнавме до степен колумни да се користат како оправдување (не е од сега) за бугарското вето, да го потсетиме на една незаборавна колумна на еден тамошен доста познат колумнист, насловена: „Македонија во ЕУ ни е единствена шанса да си ја поделиме таа територија со Албанците“, која Џамбаски може да ја прочита ТУКА. Или пак ОВАА, насловена „Ова ни е шеста шанса да си ја вратиме Македонија – ако ја прокоцкаме и таа, седма ќе нема“.
Интересно, нели? Ако се водиме од колумни, навистина произлегува дека Бугарија, во оваа или онаа смисла, сака да нѐ окупира. Но, за среќа, не мора да се водиме од колумни, затоа што со незаборавни изјави нѐ почестил и самиот Џамбаски. На пример, кога отворено си кажува дека „Бугарски национален интерес е меѓу Охрид и Црно Море да нема граница“, зашто таму живеел еден ист народ – бугарски.