САД стојат зад „обидот за атентат“ врз Путин, вели Кремљ

Руските власти денеска ги обвинија САД дека стојат зад нападот со дронови врз Кремљ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Украина само ги спроведува американските планови и ја обвини Америка дека стои зад вчерашниот напад, кој, како што вели, имал за цел да го убие рускиот претседател Владимир Путин, пишува ТАСС.

Од Вашингтон негираат. Велат дека САД не се вмешани, ниту пак имале сознанија дека нападот ќе биде изведен.

Од почетокот на конфликтот, САД ниту ја охрабриле, ниту „ја овластиле“ Украина да изврши напади надвор од нејзините граници, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД „не можат да ја потврдат автентичноста на руските тврдења“ за украинскиот напад врз Москва.

Бриселски „Политико“ пренесува изјави на четворица американски функционери, кои сакале да останат анонимни, кои изјавиле дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не знаела за претстојниот напад со дронови врз Кремљ.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

„Доколку нападот го извела Украина, Белата куќа немаше претходно знаење“, изјавил еден од нив. Тој додал и дека сѐ уште се работи на потврда дали „нападот бил нарачан од Киев и извршен од непријателска проукраинска група“ или се работи за руско сценарио, односно false-flag операција („операција под лажно знаме“).

Но, според портпаролот на Кремљ, Песков, изјавите на украинските и американските власти дека немаат ништо со нападот со дронови, се „апсолутно смешни“.

„Добро знаеме дека одлуките за таквите акции не се носат во Киев, туку во Вашингтон“, рече Песков.

Извор: МИА

- Реклама -