САД ќе развијат напредна верзија на своето тактичко нуклеарно оружје за „потешко достапни“ воени цели

САД ќе развијат напредна верзија на своето тактичко нуклеарно оружје Б61 за потенцијална употреба против „потешко достапни“ воени цели, објави Пентагон, јави ДПА.

Американскиот Конгрес допрва треба да даде одобрение за проектот, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Бомбата, означена како Б61-13, ќе биде произведена од Националната администрација за нуклеарна безбедност на Министерството за енергија и ќе може да се користи во модерни авиони.

Според Пентагон, воведувањето на Б61-13 не е одговор на конкретен настан, туку „ја одразува моменталната проценка на променливото безбедносно опкружување“.

Производството не е наменето за зголемување на вкупниот број на оружје во американскиот нуклеарен арсенал. Нуклеарното оружје Б61 е дел од американските резерви со децении и редовно се надградува, посочува ДПА.

МИА

- Реклама -