Руте: Севернокорејските трупи во Европа се пресвртна точка

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во текст за „Политико“ наведува дека севернокорејските трупи на европска територија се историски факт – и тоа од погрешни причини.

– Русија првпат по еден век покани странски војници во земјата. Тоа има неверојатна цена. Русија има околу 1.200 жртви дневно, повеќе од 600.000 од февруари 2022 година. И не можејќи да се соочи со политичката цена на масовната мобилизација, Путин сега избра да повика војници и од Северна Кореја. Ова опасно проширување на конфликтот ја ескалира војната и покажува дека нашата безбедност не е регионална, туку глобална, наведе Руте.

Тој наведе дека рускиот претседател Владимир Путин поддршката од Северна Кореја не ја добива бесплатно, туку го поддржува режимот на Ким Џонг-ун и му обезбедува воена технологија на Пјонгјанг, што претставува закана за соседите и ја зголемува нестабилноста на Корејскиот Полуостров.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

– Севернокорејците, кои не воделе војна повеќе од 70 години, сега ќе стекнат драгоцено искуство на бојното поле и увид во современите конфликти. Само минатата недела, Пјонгјанг тестираше интерконтинентална балистичка ракета со долг дострел, што е уште едно кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, посочи Руте.

Минатата недела делегација на јужнокорејското разузнавање и оодбрана го информираа НАТО и партнерите од Индо-тихоокеанскиот регион дека илјадници севернокорејски војници се распоредени во руската област Курск и ќе учествуваат во војната во Украина.

- Реклама -