Русковска не верува дека Мијалков ќе бега: Ако мислеше да избега, ќе избегаше

Обвинителката Вилма Русковска не верува во приказната на Мијалков дека бил болен и не знаел што се случува, но не верува ни дека обвинетиот поранешен шеф на УБК, сега откако „се врати“ во куќен притвор, ќе се вдаде во бегство.

„Јас не се видов со Мијалков, така да не знам ни како делувал – дали делувал болен или не. Единствено се видов со едниот адвокат негов и во разговорот двајцата заклучивме дека направил грешка што, еве, не се појави два дена и што не му е врачено решението. И стварно не знам каде бил“, одговори обвинителката Вилма Русковска, прашана дали верува на приказната на Мијалков дека бил болен и утрово дознал дека е најбаран во државата. „Ќе повторам, јас со него не се видов. Така ми беше пренесено. Но апсолутно не верувам“, допрецизираше таа.

По ваквиот одговор, Русковска беше прашана дали смета дека Мијалков сега може „вистински да се даде во бегство“ од куќен притвор.

„Не мислам, затоа што ако мислеше да избега, ќе избегаше веќе“, рече шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Според премиерот Зоран Заев, пак, токму институциите/системот, со тоа што непоколебливо и ажурно дејствувале во рамките на своите надлежности, го спречиле Мијалков да ја напушти државата, односно да избега.

- Реклама -