Руски актер од еден од водечките руски театри е осуден на 8 дена затвop бидејќи глумел пијан полицаец во аматерско хумористично видео.
Дмитриј Смолев ја признал вината за уривање на угледот на руската полиција и нелегално носење полициска униформа, пренесе „BBC“.
Актерот ја игра главната улога во драма на драмскиот писател Иван Охлобистин, а во видеото, кое трае помалку од една минута, Смолев се клати и пуши цигара. Снимката беше објавена на друштвената мрежа TikTok.
Во интервју за руска телевизија, Смолев рече дека блогерот побарал од него да учествува во видеото како услуга. Тврди дека тој му ја дал и униформата, како и дека не знаел дека видеото ќе биде објавено на Интернет.
Матичниот театар на актерот, во меѓувреме, излезе со став дека разбираат дека „непознавањето на руските закони (како во случајот со Смолев), не ослободува никого од одговорноста“. Тие се согласни дека актерот и авторот на клипот во ниту еден од насловите не истакнале дека се работи за „скеч“. Тие изразуваат и жалење што улогата Смолев ја одиграл во клипот, а не во театар, бидејќи, како што велат, изобилувала со талент.