Русија и Унгарија се договорија за долго планираното проширување на нуклеарката Пакс

Унгарија и руската нуклеарна компанија „Росатом“ се договорија за временската рамка за долго планираното проширување на нуклеарната централа Пакс.

-Сега може безбедно да се каже дека на почетокот на 20230 година на мрежата ќе може да бидат приклучени две нови единици, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Тој денеска го потпиша договорот со шефот на „Росатом“, Алексеј Лихачев, за локацијата Пакс, 100 километри јужно од Будимпешта.

Двата нови блока треба да заменат два од четирите реактори што во моментов работат во централата.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во 2014 година се договори за изградба на двата нови блока со рускиот претседател Владимир Путин.

„Росатом“ ќе ги снабдува реакторите и обезбедува прачките за гориво. Москва обезбедува и заем од 10 милијарди евра, што покрива повеќе од 80 отсто од трошоците.

Унгарскиот премиер не ги промени плановите и по почетокот на сеопфатната војна на Русија против Украина во февруари 2022 година, и покрај меѓународниот притисок да го стори тоа.

Прочитајте и:  ФТ: Никој не е на страната на Унгарија и Словачка во однос на испораката на нафта од Русија

Спроведувањето на договореното, меѓутоа, не ги исполни очекувањата, бидејќи унгарската државна нуклеарна управа дури минатата година ги издаде потребните градежни дозволи.

-Проширувањето на Пакс веќе не е документација, туку вистинска градежна работа, рече Сијарто денеска на потпишувањето на договорот за градба со „Росатом“.

Според руските медиуми, Лихачев кажал дека Русија ги испраќа своите „најдобри сили“ да работат на градилиштето.

-На проектот ќе му се посвети најголемо внимание, рече тој.

Унгарската енергетска соработка со Русија е жестоко критикувана во Европската унија. Земјата-членка на ЕУ продолжува да купува природен гас и нафта од цевководите од Русија.

Нуклеарната централа Пакс е изградена меѓу 1969 и 1987 година. Има четири реактори од советскиот тип VVER-440/213 и дневна моќност од 2000 мегавати. Со нив се покриваат нешто повеќе од 50 отсто од потребите за електрична енергија на Унгарија.

МИА

- Реклама -