Двата гола што ги постигна на дербито со Манчестер сити придонесоа Вејн Руни да стане дел од „Клубот 150“ во Премиер-лигата, во кој што од формирањето на овој највисок ранг на натпреварување па се досега имаше место само за Алан Ширер, Роби Фаулер, Енди Кол, Френк Лампард и Тиери Анри.
Голгетерот на Манчестер јунајтед е најмладиот член на ова одбрано друштво, со оглед на фактот дека својот 150. погодок го постигна на возраст од 27 години и 46 дена, уривајќи го претходниот рекорд на Тиери Анри (28 години и 150 дена).
„Чувството да се биде член од едно вакво друштво е навистина посебно, уште повеќе бидејќи 150. гол го постигнав токму на градското дерби против сити. Да бидам искрен, за мене е многу поважно што го добивме овој меч отколку што стигнав до 150. гол во Премиер-лигата, бидејќи сме цврсто решени да стигнеме до нова титула. Имаме предност од шест бода, но знаеме дека тоа не значи премногу бидејќи и лани имавме одлична позитива, но на крајот сепак ја загубивме титулата од Манчестер сити“ – истакна Руни.