Крај за ротациониот Wankel мотор

Од производствените ленти на Мазда во Хирошима се симна последниот автомобил RX-8, што значи и крај за ротациониот Wankel мотор.

Мазда остана единствена компанија која сè уште го произведуваше и го развиваше Wankel ротациониот мотор за еден сериски автомобил. Овој мотор егзистираше вкупно 45 години, но тешките економски услови на пазарот, екологијата, релативно скапото производство и некои сè уште нерешени технички проблеми придонесоа конечно да замине во пензија.

Мазда беше единствената до овој момент која остана доследна во развојот и усовршувањето на овој мотор. Од 2003 година, јапонскиот производител стана единствениот што во еден сериски автомобил го вградуваше ротационен агрегат, моделот Mazda RX-8.

Со заминувањето во историјата на овој модел, истото се случува и со агрегатот. Мазда во 2010 година престана со продажбата на моделот RX-8 на пазарите во Европа. Причината за ваквиот потег беа европските еколошки законски регулативи, кој овој мотор не можеше да ги исполни. Сега за него е крај и во Јапонија, односно и секаде во светот.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -