Вчерашната трка во Валенсија беше една од најпренесуваните во историјата на овој спорт. Поради збиднувањата кои се случуваа во Сепанг, Роси мораше да стартува од последната позиција (26), а неговиот најголем ривал за трофејот „МотоГП 2015“ од првата позиција.
По сите критики упатени на адреса на Роси и неговиот избувлив карактер, па кога подетално се анализираше целата ситуација и кон зајадливиот карактер на Маркез, остануваше да видиме што ќе се случи на стазата на денот „Д“ (8 Ноември).
Впрочем се случи и најочекуваното. Роси докажа дека возач како него нема да се роди можеби никогаш, Маркез докажа дека воопшто не му е цел да го освои првото место и дека сè што сака е „докторот“ да не го освои трофејот.
Маркез имаше брилијантна шанса да ѝ покаже на публиката дека е перспективен млад возач кој само сака да освојува нови трофеи и први места.
Штета што тоа не се случи. Колку што беше интересен делот од трката каде Роси ги возеше своите пет минути, и еден по еден ги нижеше своите противници и шпанската публика буквално лудуваше, толку изгледаше смешна „битката“ за првото место. Лоренцо иташе кон трофејот комплетно заштитен во закрилата на неговиот сонародник, кој како бодигард во секоја кривина внимателно го чуваше.
По трката, сè што требаше да направи новиот Мото ГП шампион е само да продолжи да си молчи, и да му се заблагодари на неговиот сонародник – Маркез. Но тој изјави дека Роси е исфрустриран и не може да ја поднесе силната конкуренција.
На тоа „докторот“ му одговори дека требал да постапи малу поинтелигентно отколку да зборува било што околу трката во Валенсија, а камо ли па нешто на негова лична адреса.