Роналдо за 900-от гол во кариерата: Јас не уривам рекорди, тие ме следат

Капитенот на португалската репрезентација Кристијано Роналдо се запиша во листата стрелци во победата синоќа од 2-1 над Хрватска во Лигата на нации, што е негов 900. гол во професионалната фудбалска кариера.

Триесетидеветгодишниот напаѓач бурно го прослави јубилејниот гол што го постигна во 34. минута за водство од 2-0.

„Тоа беше емоција“, изјави Роналдо по натпреварот на „Стадионот на светлината“ во Лисабон.

„Се чини дека бројката од 900 гола е само пресвртница, но само јас и луѓето околу мене знаеме колку е тешко да се работи секој ден за да бидеш физички и психички способен да ја достигнеш таа бројка“, додаде португалската ѕвезда.

Фудбалерот на саудиски Ал-Наср и поранешен играч на Реал Мадрид, Јувентус, Манчестер Јунајтед и Спортинг истакна дека долго време сакал да стигне до таа бројка на голови.

Прочитајте и:  Роналдо: Разочаран сум од оние кои одбиваат да играат за Португалија

„Знаев дека ќе го постигнам тоа бидејќи продолжив да играм фудбал, па нормално е тоа да се случи“, изјави Роналдо кој со Португалија освои два трофеи, Европското првенство во 2016 година и Лигата на нации во 2019 година.

„Овие други работи не ме мотивираат, но уживам во фудбалот во секое време. Рекордите доаѓаат природно. Не уривам рекорди, тие ме следат“, додаде Роналдо.

- Реклама -