Бразилски суд наложи на легендарниот Роналдињо да му биде одземен пасошот. Причината се неплатени долгови во износ од 2 милиона евра, пишува шпанска Marca.
Имено, Роналдињо и неговиот брат изгубија судски спор и се казнети поради нелегална градба на забрането подрачје, но хипотеката на нивниот имот не била доволна за да ги покрие долговите кои во четирите години додека траел судскиот процес драстично се наталожиле поради високите камати.
Сепак, најинтересното е што при проверката на банкарски сметки на Роналдињо од страна на надлежните власти, кај него се најдени вкупно помалку од 6 евра.
Од друга страна, пишува Marca, неговиот животен стил воопшто не изгледа како на човек што има толку мала сума на располагање. Само во последните неколку недели Роналдињо патувал во Кина и Јапонија поради маркетинг причини. Во последно време посетил и неколку земји во Европа и Африка, а најголемиот производител на спортска опрема – Nike, неодамна објави и серија патики во негова чест, за што Роналдињо би требало да биде платен со значителна сума на пари, истакнал судијата. Згора на тоа, на 17 ноември Роналдињо ќе треба да учествува во пријателскиот натпревар „Game of Champions“ во Франкфурт, а за тоа, секако, ќе му треба пасош.