Рома е поблиску до Довбик отколку Атлетико Мадрид


Иако шпанските медиуми пишуваа дека доаѓањето на 27-годишниот украински фудбалер Артем Довбик во мадридски Атлетико е речиси прашање на формалност, се чини дека во моментов Украинецот е поблиску до Рома.

Менаџерот на напаѓачот на Жирона се сретнал во Рим со челниците на италијанскиот прволигаш и потоа италијанските медиуми ја пренесоа веста дека робусниот напаѓач летово би можел да дојде на „Олимпико“.

Рома уште во петокот треба да испрати официјална понуда која ќе изнесува 30 милиони евра, но со бонуси би можела да достигне и 40 милиони евра. Токму таква бројка постои како клаузула во договорот на Украинецот, кога е во прашање заминувањето од каталонскиот клуб.

Украинскиот репрезентативец во Жирона е од 2023 година и на 36 првенствени натпревари постигна дури 24 гола. Минатата сезона беше најдобар стрелец во шпанската Ла Лига со 24 гола, додека на второто место со гол помалку се најде Норвежанецот Сорлот, член на Виљареал. Инаку, Рома и претходно воспостави контакт со Норвежанецот, а целта и е да донесе еден од двајцата најдобри стрелци во Ла Лига минатата сезона.

Минатата сезона Рома заврши на шестото место во Серија А.

- Реклама -