Родниот град на ХИВ вирусот и неговото ширење на планетата

Од каде потекнува ХИВ вирусот? Како се проширил ширум планетата? Тим од оксфордски научници спроведе темелно истражување, сé со цел да ги одговори овие прашања.

297739-297579-hiv[1]

Не е за чудење што појавата на ХИВ вирусот и СИДА-та, уште на самиот почеток, тотално ги збунила научниците. Одеднаш, од СИДА оболувале млади и здрави луѓе со силни имуни системи, кои со текот на времето станувале сé послаби, а генералниот впечаток бил дека вирусот се појавил небаре од ведро небо.

Како настанал ХИВ? Каде прв пат се појавил? Како се нашол меѓу луѓето?

Најподдржаната теорија е дека ХИВ вирусот за прв пат се појавил меѓу африканските мајмуни, а првите неколку случаи дијагностицирани кај луѓето најверојатно се должат на конзумација на месо од овие заразени животни. Таа теорија ја потврдува и тоа што кај заразените поединци, ХИВ вирусот бил сличен на оној кој го носеле африканските мајмуни – темни мангаби. Сепак, тоа не е оној облик на вирусот што стана глобален проблем.

Треба да се има во предвид фактот што луѓето се послични на безопашестите мајмуни, како горилите и шимпанзата. Сепак, кога ХИВ се пренесувал од овие видови мајмуни на луѓето, не дошло до пандемија. ХИВ вирусот кој потекнува од безопашестите мајмуни е ХИВ-1, а неговиот подтип „ХИВ-1 група 0“ е откриен само во Западна Африка, а не и ширум светот. Напротив, има само еден широко-распространет облик на ХИВ вирусот низ светот, а тоа е ХИВ-1 група М (major). Toкму овој вид е дијагностициран во повеќе од 90% од случаите ширум планетата. Неизбежно е прашањето – што го прави овој вид толку посебен?

Истражувањето објавено во 2014-тата дава малку неочекуван одговор – можно е да нема ништо посебно во овој вид на ХИВ вирусот. Наводно, тој и не така инфективен како што би очекувале. Претпоставката е дека неговиот „успех“ е единствено резултат на „искористена прилика“ за проширување.

Нуно Фарија од Оксфордскиот универзитет ќе рече: „До така брзо ширење довеле пред сé еколошките, а не еволуциските фактори“.

Фарија и неговите колеги осмислиле еден вид на „семејно стебло“ на ХИВ вирусот. За таа цел анализирале различни низи геноми на околу 800 луѓе кои живееле на територијата на централна Африка и биле заразени со ХИВ. Преку споредба на секвенцираните геноми и броење на разликите меѓу нив, научниците успеале да укажат на периодот кога живеел последниот заеднички предок на паровите заразени поединци кои биле споредувани. Преку таквата техника, која често се користи, научниците утврдиле дека последниот заеднички предок на човекот и шимпанзото живеел пред најмалку седум милиони години.

„РНА вирусите, како што е ХИВ, еволуираат околу милион пати побрзо од човековата ДНК“, објаснува Фарија. Во превод, молекуларниот часовник на ХИВ вирусот чука извонредно брзо, а врз основа на тоа, Фарија и неговиот тим утврдиле дека ХИВ се развивал толку брзо што сите негови геноми потекнуваат од ист предок, кој пак живеел пред само сто години. Истражувањето продолжило во насока на утврдување на родното место на пандемијата, што не било тешко, затоа што биле чувани податоци за сите земени примероци. Така, утврдено е дека пандемијата најверојатно почнала во Киншаса – главниот град на Демократска Република Конго.

Од друга страна, Фарија се потпира и на историски извори, кои откриваат дека Киншаса, тогаш Леополдвил и белгиска колонија, само што станал престолнина во дваесеттите години на минатиот век, па бил мошне привлечен за младите и амбициозни Африканци кои живееле на таа територија. Меѓу нив имало и добар дел проститутки, па вирусот почнал брзо да се шири меѓу популацијата. Згора на тоа, Леополдвил бил тесно поврзан со другите градови, па вирусот брзо се проширил и надвор од границите на градот.

Но сепак, најопасната „експлозија“ се случила во шеесеттите години. Откако ДР Конго стекнала независност, станала многу привлечна за невработените од француско говорно подрачје од сите краеви на планетата, но и за голем дел работници од Хаити. Кога овие вториве се вратиле назад на островите, со себе го понеле и ХИВ-1 група М, па оттаму и неговото ширење на другата страна на Атлантикот.

Подоцна, со јакнењето на либералните ставови, особено во поглед на сексуалноста, вирусот почнал да се шири уште побрзо. За крај, Фарија предупредува дека никогаш не можеме да бидеме сигурни дека некој од другите подтипови на вирусот не би можел да се прошири во некоја слична прилика.

- Реклама -