Основачот на Пинк Флојд, Роџер Вотерс, испрати порака до фановите во Полска во врска со „забраната“ на неговите концерти, во која оцени дека американските санкции против Русија им носат беда на народите во Европа.
Вотерс во објава на Фејсбук напиша дека е загрижен што не им се спротивставил доволно силно на „насилниците во полската влада“ кои ги откажаа неговите концерти во Краков без да разговараат со него или да ги прашаат полските фанови дали сакаат да го видат.
Тој истакна дека му е забрането да настапува во Полска затоа што пишувал писма обидувајќи се да ги убеди западните, руските и украинските лидери да бараат дипломатско решение за „страшната војна во Украина“ и додаде дека нема да се извини за тие писма бидејќи секогаш ќе го прави она што тој верува дека е вистинската работа и да се бори за човекови права и мир.
„Масакрот се одолговлекува и се чини дека ескалира додека додаваме масло на огнот. Санкциите кои САД ги воведоа против Руската Федерација уште во февруари имаа големи резултати, бидејќи Русија одговори со прекин на испораките на гас за Европа, што предизвика хаос. Наместо да ја нокаутираат Русија, санкциите им донесоа беда на народите во Европа, вклучително и Полска. Народот на Европа се фрла под тркалата на режимот во Вашингтон, кој е решен да го продолжи својот хегемонистички сон за униполарна светска доминација на сметка на народот на Европа“, напиша Вотерс.
Тој додаде дека не пишува за да држи политички говори и рече дека сепак сака да дојде во Полска со порака за мир и љубов.
„Ако некој вели ‘но тој е антисемитист и љубител на Путин’, кажете му нека се носи затоа што греши по двете точки“, заклучи Вотерс.
МИА