Роботот Софија собира пари за да направи „глобален мозок“

Хуманоидниот робот Софија сака да го crowdfund-ира развојот на напредната вештачка интелигенција преку систем базиран на токени, во форма на пазар каде учесниците ќе можат да купуваат и продаваат сервиси. Проектот е наречен SingularityNET, а целта е Софија да ги прошири своите можности.

Поконкретно, како што опишува компанијата, целта е „глобален мозок“ со повеќе AI системи кои ќе работат заедно на комплетирање на одредени задачи. Девелоперите ќе можат да создаваат нови системи со вештачка интелигенција, а корисниците да ги користат нивните сервиси преку блокчејн плаќања слични на технологијата што стои зад Биткоин.

Ова овде е значително поразличен пристап кон развојот на вештачката интелигенција од оној на Google или Facebook, кои развиваат AI системи водени од потребите на нивниот конкретен бизнис модел. На пример, Фејсбук објави дека развива вештачка интелигенција која ќе ги идентификува корисниците што размислуваат за самоубиство. Tаков AI систем би можел да има многу поголем и поопшт општествен бенефит, но ете, потребите на социјалната мрежа го ограничуваат да не може да биде граден со намера за добробит за целото човештво. А според Софија, која деновиве фигурира како „главен хуманоиден директор“ во Hanson Robotics“, тоа го кочи и бенефитот „и за другите типови на свест“.

Официјалното соопштение од компанијата ќе ви даде малку повеќе увид:

Прочитајте и:  Си: Вештачката интелигенција не смее да биде игра на богатите земји и луѓе

„Вредноста и моќта на вештачката интелигенција расте драматично од година во година, и наскоро ќе го доминира интернетот, и економијата во целост. Меѓутоа, денешните AI алатки се фрагментирани во тесни и затворени развојни околини; повеќето се развивани од една компанија да извршуваат една задача, и нема начин да се поврзат две алатки заедно. SingularityNET се стреми да стане клучниот протокол за вмрежена вештачка интелигенција и машински алатки, со цел да се формира координирана Вештачка Генерална Интелигенција.

SingularityNET е open-source протокол и збир од паметни договори за децентрализиран пазар на сервиси од координирана AI. Во рамките на оваа мрежа, бенефитите од вештачката интелигенција стануваат глобална заедничка инфраструктура за доброто на сите; секој може да пристапи до AI технологијата или да стане акционер во нејзиниот развој. Исто така секој може да додаде свој сервис за машинско учење и AI кон SingularityNET, кој ќе биде користен од целата мрежа, а за возврат да добие исплата во токени (кој потоа може да ги искористи за разни сервиси овозможени од AI мрежата)“.

Распродажбата е закажана за 8 декември на пладне, по источно време, а ќе се продадат вкупно 500 милиони токени во вредност од 36 милиони долари.

- Реклама -