Денес речиси и да нема работно место на кое не е потребна работа со персонален компјутер. Според истражување на Светската здравствена организација, бројот на таквите работни места расте од ден на ден. Ако бројот на ваквите работни места бил 10 до 20 проценти во 1950 година, денес тој надминува 50 %, а во некои области на професии е дури 100%.
Седењето на маса пред компјутерот носи голем број ризици по здравјето на оние кои мораат така да го поминат работниот ден, но многу често така е и за помладата популација која ја сочинуваат ученици, студенти и оние кои бараат работа.
Како и да е, заради работа, учење или забава, заради и што да е, проблемите кои се јавуваат додека работите со персоналниот компјутер или лаптопот, се присутни и на многумина им се добро познати, а, сепак, тие продолжуваат свесно или несвесно да се коцкаат со здравјето и не преземаат ништо за да се заштитат. Како резултат на тие промени се нарушува и физичкото и психичкото здравје.
Постојат повеќе проблеми, но, сепак, најчести се овие: Carpal Tunnel синдром, болки во грбот и половината, вкочанети зглобови, напрегање на очите, бактерии и стрес.
Carpal Tunnel синдром
Ако некое движење се повторува многу често како што е работата со дланката било да пишувате текст или да работите со глувчето, се јавува оштетување и силни болки. Сите овие симптоми се познати како Carpal Tunnel синдром.
Но, овој синдром не е само болка и чувствителност на делот непосредно по рачниот зглоб, туку многу повеќе. Тоа е крцкање, вкочанетост, чешање и остра болка при движење предизвикана од притискање на мал лигамент врз нерв кој поминува под него.
Приклештувањето на нервот меѓу лигаментот и коската од зглобот на раката, како во еден вид канал, резултира со овој синдром.
Превенција: Постојат повеќе начини за решавање на овој проблем како што се акупукунктура, лекови и масти или операција, но пред да се одлучите на што било обидете се со истегнување и вежби за да ја намалите тензијата и болката, препорачува д-р Рендал Елдриџ (T. Randall Eldridge) од Националниот институт за здравје во Денвер.
Нема да верувате, ама решение може да биде едноставно одредување на соодветне висина на нивото на кое е поставена тастатурата или подлогата по кој се движи глувчето, вели терапевтот Марџи Хаџич (Marji Hajic). Тој вели дека рацете не треба да се потпираат на зглобот од дланката, туку да лебдат додека пишувате или го употребувате глувчето. Така нема да го притискате нервот, а и почесто ќе правите куси паузи.
Болки во грбот и половината
Седење со часови пред компјутерот предизвикува болки во ‘рбетниот столб, особено во долниот дел од грбот. Овие болки се поголеми ако се седи на несоодветен стол. Овие болки ги чувствуваат сите генерации, но кај помладите може да предизвикаат и деформитети поради неправилната положба во која се седи на столот.
Превенција: Покрај добро одбраниот стол, помагаат вежби за зацврстување на мускулите на грбот, како и на стомачните мускули. Исто така, додека работите на компјутер отстранете го сето она што би го притискало sciatic нервот, кој најчесто ги предизвикува овие болки, тоа може да биде мобилниот телефон, ременот, но и паричникот особено ако е полн!
Вкочанети зглобови
Човечкото тело е создадено да се движи, па задржувањето долго време во една иста позиција предизвикува вкочанетост, оток, па дури и воспалување на зглобовите. Напнатоста на мускулите, подгрбавеноста и свитканото тело, а особено на нозете се предизвикувачи на вкочанетост на зглобовите, заради нерамномерно распоредување на силите во одредени делови на телото.
Превенција: Седете во исправна положба, правете чести прекини и направете неколку чекори околу масата или столот. Помагаат и јога вежби, како и повремено истегнување.
Напрегање на очите
На сите оние кои поминуваат по 4-5 часа пред мониторот им е многу познато дека им се јавува заматување на видот, пецкање во очите и очите стануваат осетливи на сè. Сите овие симптоми, како и чувство дека очите чкрипат и се суви или солзат се резултат на несоодветно користење на компјутерот. Сето ова може да биде придружено и со главоболка и вкочанет врат.
Превенција: Пред сè и најпрво, зголемете го фонтот. Потоа одредете ја соодветната оддалеченост на екранот и висина на гледање, советуваат од Microsoft. Исто така, одберете што е можно поквалитетен монитор и правете кратки и долги паузи. За време на кусите паузи доволно е само да ги тргнете очите од екранот и да погледате на страна.
Долгите паузи правете ги на половина час во траење од 5 минути и добро за очите е да го промените растојанието на гледање за да ги активирате мускулите за фокусирање. И не заборавајте на трепкањето!
Бактерии
Според некои истражувања, плочата на која работите е 400 пати повалкана од WC штицата кога се во прашање бактериите! Микробиологот д-р Чарлс Герба (Charles Gerba) од Универзитетот во Аризоназа WebMD вели: „Луѓето многу почесто ја чистат и ја бришат масата на која јадат отколку масата на која работат по осум и повеќе часа“.
Ако се прави ранг-листа, најнечист е телефонот, потоа тастатурата, па глувчето, а сето тоа е на работната маса”. Нивната бактериска загаденост се додава на нечистотијата од масата. Сета таа нечистотија се зголемува ако додека работите или се забавувате грицкате некој вид храна. На оваа „богата“ трпеза се гостат бубашваби, лебарки, глувци, муви и други инсекти, ноќе или за викендот и кога не работите.
Рацете и храната ги миете, а работната маса, тастатурата, глувчето, телефонот…?
Превенција: Покривајте ја масата, тастатурата и глувчето ако тоа е можно. Дезинфицирајте и чистете ја масата, тастатурата, глувчето, телефонот… Мијте ги рацете, не јадете додека работите. Не работете во прегреана и непроветрена просторија.
Стрес
Работата на компјутер е стресна. Било да имате проблем со хардверот или програмите. Да не ги спомнувам компјутерските вируси и ред други проблеми.
Превенција: Потребно е да се пронајде начин за намалување на стресот. При монотоната работа на компјутер релаксација може да биде дури и видеоигра. Релаксација може да биде и замижување на неколку минути или пуштање на омилениот музички клип.
Релаксација може да биде и чаша вода или некоја мала кратка јога позиција на телото за која сте испробале дека ви помага. Како и да е, заштитете се од стресот бидејќи тој може да ве разболи, да ве изолира или да ве внесе во непотребни конфликтни ситуации.
Можеби сето ова ви е познато и го знаете, сепак, потсетете се за да ги намалите ризиците по вашето здравје.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР