Сите сме ја чуле поговорката „Рим не бил изграден за еден ден“. Но само професионалниот LEGO автор Рајан Мекнот навистина ја разбира таа поговорка.
Тоа е бидејќи тој само што создал реплика на Колосеумот користејќи LEGO коцки. Како што се гледа од фотографиите тој посветил внимание на ситните детали на римската градба. Тој употребил 200.000 коцки за создавање на моделот, половина во неговата денешна разрушена форма и половина како што изгледал во 80 година од новата ера.
Тој изјавил: „Навистина ги разбирам Римјаните и работите кои ги создале. За мене, предизвикот за создавање нешто со овален облик од коцки беше неверојатно тежок.“ Тој навистина внимавал на деталите во макетата. Туристите во модерната верзија се вртат наоколу во близина на продавачи на сладолед.
Во старата верзија Римјани гледаат борба на гладијатори. Тој додал и градини, статуи и мини животни за целата макета да изгледа пореалистична. Макетата била создадена за Универзитетот од Сиднеј и сега може да се види во Николсон Музејот во Мелбурн, Австралија, се до јануари 2013 година.
Мекнот е сертифициран LEGO професионалец – еден од само 13 во целиот свет и единствениот на Јужната Хемисфера. Негов специјалитет се интерактивни макети кои ги инспирираат луѓето. Неговото претходно дело бил детална реплика на Airbus A380 од авиокомпанијата Qantas.