Ријана ги навлече погледите на себе во Њујорк, во црвен фустан со висок страничен зарез, само неколку дена по нејзиното неочекувано и „мистериозно“ отсуство од „Мет-галата“ во американската метропола.
Пејачката и модна икона од Барбадос, е видена со партнерот АСАП Роки (A$AP Rocky) и, се чини, намерно се погрижила да биде во средиштето на вниманието облечена во црвена облека. Имено, Ријана се одлучи за црвена маица „Ком де гарсон” (Comme des Garçons), на којашто со бели букви е испишано името на модната куќа. Под маицата, се гледаше нејзиниот црвен фустан со висок зарез, а сѐ тоа комплетирано со црвени проѕирни ракавици, очила и црна „Гучи“-чанта.
Основачката на брендот (Fenty Beauty) ги задржа русокосите прамени што ги покажа претходно овој месец, овојпат носејќи ја косата отпуштена преку рамениците.
Пејачката претходно, според многумина, ги разочара обожавателите со тоа што не се појави на престижниот моден настан „Мет-гала“ којшто се одржа минатата недела. Според неколку американски медиуми, таа го пропуштила настанот поради проблеми со здравјето. Ријана и Роки го минаа Денот на мајката заедно со нивните две деца – двегодишниот РЗА и Рајот, кој се роди лани.